• среда, 18 декември 2024

Претседателот Пендаровски ја посети компанијата ,,Везе Шари" и општина Пласница

Претседателот Пендаровски ја посети компанијата ,,Везе Шари

Скопје, 4 март 2024

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“ денеска во селото Требош, Општина Желино ја посети компанијата „Везе шари“.

За време на посетата, претседателот Пендаровски беше запознаен со тековната работа на компанијата, која годишно произведува над 30 милиони јајца и располага со 120 илјади кокошки и 60 илјади пилиња. Раководството на ,,Везе Шари" посочи дека произведуваат и месо, мелено месо и преработки од пилешко и говедско месо под брендот „Лекер“, а во рамки на компанијата функционира и постројката за производство на биогас и електрична енергија „Електро Шари“.

Компанијата има широко распостранета дистрибутивна мрежа, и покрај пласманот на домашниот пазар, врши извоз на јајца, месни и сувомесни производи во земјите од регионот и во Европската Унија.

Додадена вредност на компанијата е постројката „Електро Шари“, која произведува  1 мегават на час електрична енергија, односно 8.760.000 киловат часови годишно, како и 8.000 тони органско ѓубриво годишно. Како суровина се користи отпадот и нус-производите од фармата, како и другиот отпад од земјоделство, со што се позиционира како една од водечките компании во искористувањето на обновливи извори на енергија.

Денеска, претседателот Пендаровски ја посети и општина Пласница и се сретна со Идает Карамалески, лице со оштетен вид. На средбата претседателот Пендаровски и Карамалески разговараа за животните предизвици и потешкотиите со кои, како лице со попреченост, се соочува секојдневно. Во оваа насока претседателот Пендаровски ги реафирмираше неговите заложби за унапредување на положбата на лицата со попреченост и истакна дека нужно е конечно да се создадат услови за активно учество на овие луѓе во сите општествени текови.

 

Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан