• недела, 24 ноември 2024

Претседателот Пендаровски упати писмо со поддршка до украинскиот претседател Зеленски

Претседателот Пендаровски упати писмо со поддршка до украинскиот претседател Зеленски
Скопје, 18 мај 2022 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски упати писмо до претседателот на Украина, Володомир Зеленски во кое изразува поддршка за украинскиот народ и упатува честитки до претседателот Зеленски за поднесената кандидатура за членство во Европската унија. Изминатите три месеци, вели Пендаровски во писмото, граѓаните на Украина херојски ја бранат својата земја, а со тоа и целиот европски континент и универзалните вредности на демократијата во кои веруваат мирољубивите држави и народи на кои припаѓаме. - Во оваа смисла, Украинците со конкретни дела докажаа дека припаѓаат на европското семејство и се подготвени да ги направат првите чекори во насока на започнување на процесот на интеграција во Европската унија. Јас како долгогодишен поддржувач на идејата за Обединета Европа, цврсто сум убеден дека денес, кога војната повторно се врати на европско тло, Унијата треба да донесе важни политички одлуки, со што процесот на проширувањето нема да запре на Западниот Балкан, туку ќе продолжи со сите мирољубиви европски држави кои ги споделуваат вредностите на демократијата, се вели во писмото од претседателот Пендаровски до украинскиот претседател Зеленски. Во писмото Пендаровски, изразува сестрана поддршка во трагичната ситуација во која се наоѓа Украина и украинскиот народ по руската воена агресија. - Поаѓајќи од оваа моја констатација, би сакал да Ви упатам честитки за успешно пополнетиот прашалник за членство во Европската Унија и да подвлечам дека Република Северна Македонија како земја-кандидат го поддржува европскиот пат на пријателска Украина и добивањето кандидатски статус за време на Советот на Европската Унија во јуни оваа година. Верувам дека таквиот исход ќе биде праведен и логичен, и ќе претставува поддршка на напорите на Украина на евроинтегративниот пат, како и дополнителен стимул за спроведување на натамошни суштински внатрешни реформи за ваше практично приближување кон Унијата, се вели во отвореното писмо од Пендаровски до Зеленски. Европските аспирации, се вели во писмото, нам не ни се потребни како политички трофеј, туку, како инструмент и процес за време на кој ќе се менуваме и реформираме за да ги достигнеме неопходните стандарди по кои се препознаваат европските демократии. Во овој контекст очекуваме потврда дека и нашите европски пријатели тоа го препознаваат и вреднуваат, вели Пендаровски, во отвореното писмо до украинскиот претседател Зеленски. аа/ац/

Остани поврзан