• среда, 25 декември 2024

Претседателот Пендаровски ги прими лауреатот, добитниците на награди и организаторите на 62. издание на Струшките вечери на поезијата

Претседателот Пендаровски ги прими лауреатот, добитниците на награди и организаторите на 62. издание на Струшките вечери на поезијата

Скопје, 27 август 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими годинешниот лауреат на Струшките вечери на поезијата, академикот Влада Урошевиќ, директорот на Струшките вечери на поезијата, Тодорче Тасевски, претседателката на управниот одбор на фестивалот,  Елизабета Шелева, добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“, Димитар Башески и добитник на наградата „Мостови на Струга“ на УНЕСКО за дебитантска книга, Гавин Бредли, информираат од кабинетот на претседателот на државата, Стево Пендаровски.

Честитајќи му на Урошевиќ за наградата „Златен венец“, претседателот Пендаровски истакна дека му претставува посебна гордост, што годинава, еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци е носител на ова најзначајно меѓународно признание во светот на поезијата. 

На средбата,  Претседателот упати честитки за организацијата на уште едно успешно издание на фестивалот, потенцирајќи дека Струшките вечери на поезијата се триумф на македонската култура и традиција кои истовремено го збогатуваат светскиот културен простор и дека нашата држава е горда што е домаќин на еден од најстарите поетски фестивали со препознатлив идентитет во светот. Претседателот им честиташе на поетите за освоените награди оценувајќи ги како признание за нивната поетска и литературна дејност.

Дебитантското дело на Влада Урошевиќ е збирката песни „Еден друг град“ во 1959 година. Покрај неколку десетици поетски дела, тој пишувал и проза, односно романи, збирки раскази, есеи и критики. Дел од поезијата на Влада Урошевиќ е преведена на српски, словенечки, бугарски, француски, руски, шпански, италијански и на англиски јазик. Урошевиќ е автор и на низа преводи од француската поезија. сх/лв/

Фото: Кабинет на претседателот

Остани поврзан