• недела, 24 ноември 2024

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Норвешка, Кристин Мелсом

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Норвешка, Кристин Мелсом

Скопје, 13 декември 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска ги примил акредитивните писма на Кристин Мелсом, новоименуваната амбасадорка на Кралството Норвешка во Република Северна Македонија, со седиште во Белград.

Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма изразил задоволство од одличните билатерални односи и од успешната соработка помеѓу двете пријателски земји коишто се негуваат преку одржување на континуиран политички дијалог.

Посочувајќи дека Кралството Норвешка, иако не е земја членка на Европската Унија, активно придонесува во процесите на европската трансформација на македонското општество, претседателот Пендаровски нагласил дека двете земји како членки на НАТО, се блиски сојузници коишто ги споделуваат истите безбедносни предизвици, обединети во одбраната на меѓународниот поредок, заснован на правилата и демократските вредности.

Тој оценил дека постои голем неискористен потенцијал и простор за дополнително продлабочување на соработката, особено на економски план и во тој контекст упати порака до бизнис-заедниците и трговските комори од двете страни за зголемување на трговската размена, да се искористат економските потенцијали и да се иницираат инвестиции во ИТ-секторот и во енергетиката.

Амбасадорката Мелсом во својот говор потенцирала дека билатералните односи меѓу двете земји се темелат на цврста основа на историско пријателство и истакнала дека тие ќе продолжат да се развиваат и натаму.

-Таа ја нагласи нашата посветеност на реформите во одбраната, како заеднички приоритет во билатералната агенда и ги истакна соработката во воено-медицинската област, посетите на нашите службеници на Норвешка за обуки и размена на идеи, како и соработката во рамките на Воените академии на двете земји, се наведува во соопштението.

Амбасадорката Мелсом посочила дека Норвешка ќе продолжи да ја поддржува интеграцијата и соработката во Европа, оддавајќи признание на извонредните достигнувања во нашата земја во последните години и додала дека Норвешка е оптимист дека Северна Македонија ќе добие зголемена поддршка од земјите-членки на Европската Унија.

Претседателот Пендаровски на амбасадорката Мелсом и посакал успешно извршување на значајната, благородна и одговорна функција и изразил уверување дека во вршењето на нејзините дипломатски должности ќе ги ужива потребното внимание и поддршка. дма/цр

Фото: Кабинет на претседателот на РСМ

 

Остани поврзан