• четврток, 26 декември 2024

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на ирскиот амбасадор, Брендан Вард

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на ирскиот амбасадор, Брендан Вард

Скопје, 8 февруари 2024 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Брендан Вард, новоименуваниот амбасадор на Република Ирска во Република Северна Македонија, со седиште во Букурешт.

Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, на церемонијата на предавање на акредитивните писма искажал задоволство од високоразвиените билатерални односи меѓу двете држави, што ги карактеризира интензивен политички дијалог и партнерски однос и изразил надеж за продлабочување на соработката, особено на економски план.

-Претседателот рече дека иднината на Северна Македонија и на регионот на Западен Балкан ја гледаме низ призмата на Европската Унија и изрази огромна благодарност за големата поддршка на евроинтегративниот процес, потенцирајќи дека Ирска е наш силен и важен партнер на нашиот пат кон членството во ЕУ, се наведува во соопштението.

Амбасадорот Вард посочил дека иако двете земји се на спротивните краеви на Европа, заедничките вредности и заедничката посветеност на европскиот идеал значат дека двете земји имаат многу заедничко.

-Тој рече дека со нетрпение ја очекува блиската соработка со нашата земја, со цел унапредување на нашите билатерални односи во насока на поддршка на аспирациите на Северна Македонија за членство во Европската Унија, се додава во соопштението.

Претседателот Пендаровски на амбасадорот  Вард му посакал успешно извршување на одговорната функција и изразил уверување дека во вршењето на неговите дипломатски должности ќе ја ужива нашата целосна соработка и помош. дма/бак

Фото: Претседател на Република Северна Македонија 

 

Остани поврзан