Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот косовски амбасадор Флоријан Ќехаја
- Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Косово во Република Северна Македонија, Флоријан Ќехаја.
Амбасадорот Ќехаја нагласи дека ќе биде целосно посветен на натамошно продлабочување на односите меѓу Косово и Северна Македонија, пред сé на унапредување на трговската размена.
-И двете наши земји се соочуваат со предизвици во постигнувањето на целта да станат членки на ЕУ, од различни причини, без оглед на повремениот замор како резултат на долготрајните процеси, сепак нема да бидеме обесхрабрени, порача новоименуваниот косовски амбасадор.
Заблагодарувајќи се за досегашната поддршка од нашата земја, Ќехаја посочи дека Косово и во иднина ќе очекува засилена поддршка за исполнување на стратешките цели во однос на членството во меѓународните организации.
-Особено ќе ни биде потребна гласна и силна јавна поддршка од Република Северна Македонија за нашите напори да станеме членка на Советот на Европа, како и во нашата амбиција да станеме дел од Партнерството за мир и подоцна од НАТО, рече амбасадорот во обраќањето.
Ќехаја потенцираше дека активно ќе се ангажира за зголемувањето на билатералната безбедносна соработка и јакнењето на довербата со цел минимизирање на заедничките безбедносни ризици и закани. ир/дма/