• среда, 25 декември 2024

Претседателот Пендаровски ги додели сертификатите на учесниците на „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“

Претседателот Пендаровски ги додели сертификатите на учесниците на „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“
Скопје, 23 јули 2021 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски денеска во Вила Билјана во Охрид им додели сертификати на учесниците на „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“ што се одржа под негово покровителство, со цел надградување и размена на високотехнолошките вештини кај млади луѓе од нашата земја и од дијаспората, информираат од неговиот Кабинет. Низ наставна програма реализирана од предавачи на СТЕМ, учесниците на возраст од 11-15 години имаа можност да ги развиваат нивните вештини за кодирање и роботика, да воспостават пријателства, да ги истражуваат локалните природни убавини, нашето културно наследство и традиција. Честитајќи им го успешно завршениот камп, претседателот Пендаровски истакна дека покрај работата од наставната програма, учесниците имаа и по неколку часа прошетка низ културно-историските знаменитости на овој дел на државата при што се запознаа со богатата историја на нашата земја, а истовремено имаа и можност за меѓусебна дружба. - Она што го научивте тука и она што допрва ќе го учите во оваа област во роботиката се разбира дека е значајно, меѓутоа по мене позначајно е тоа што се дружевте помеѓу себе и направивте, се надевам, пријателства за цел живот, истакна Пендаровски. Кампот беше организиран од Македонија 2025 во партнерство со МАСИТ – Македонска стопанска комора за информатички и комуникациски технологии, Млади Инженери и Охридско Лето. Спонзори на Кампот се Американската амбасада, Алкалоид и Herbal Science US. Од вкупно 52 апликации беа избрани 17 учесници коишто имаа предзнаење за кодирање и роботика. Приоритет се даде на апликанти од социјално ранлива категорија, а притоа беше запазена и родовата, територијалната, рурално-урбана застапеност и етничката припадност. Учесниците пред претседателот Пендаровски ги презентираа роботите коишто ги програмирале во рамки на нивните проекти, реализирани во кампот за високо-технолошка извонредност. Пред почетокот на денешната свеченост, учесниците имаа можност подетално да се запознаат и со историјатот на Вила Билјана, да ги посетат работните простории на претседателот Пендаровски, да се информираат за неговата работа и надлежности. Ваквата активност во рамки на Отворен Кабинет е веќе воспоставена практика во Кабинетот на претседателот во Скопје, а денеска за прв пат се реализира и во Вила Билјана, во Охрид. ир/нд/

Остани поврзан