• сабота, 21 декември 2024

Претседателот на Чад, Махамат Идрис Деби, со указ смени неколку високи безбедносни и одбранбени функционери

Претседателот на Чад, Махамат Идрис Деби, со указ смени неколку високи безбедносни и одбранбени функционери

Нџамена, 18 октомври 2024 (МИА) - Неколку високи членови на одбранбените и безбедносните сили на Чад синоќа беа сменети од функцијата со указ издаден од претседателот Махамат Идрис Деби, неколку дена откако беше разрешен министерот за безбедност, пренесуваат француските медиуми.

Генералниот директор на полицијата, генералниот директор на жандармеријата, началникот на Генералштабот на вооружените сили и командантите на номадската национална гарда на Чад со одлука на претседателот Деби пред два дена биле „повикани да узвршуваат други должности“.

Државната телевизија изминатиот викенд ја објави смената на министерот за безбедност Махамат Шарфадин Маргуи со генерал Али Ахмат Ахабаче како дел од ограничената реорганизација на одделот.

Ова преструктуирање на безбедносните сили се одвива во заднина на влошената политичка и безбедносна клима во Чад.

Поранешен највисок командант на разузнавањето и неговиот син беа застрелани од неидентификувани вооружени лица, а минатата недела властите издадоа оперативна наредба за „обезбедување на градот Нџамена“ и спроведување „систематска потрага“ по оружје. Потоа беа испратени тешко вооружени војници да вршат претреси во различни области на главниот град.

Осудувајќи ја „штетната атмосфера на диктатура и терор“ и ризиците од „изборна измама“, опозициските партии од своја страна минатата недела објавија дека одбиваат да учествуваат на парламентарните и локални избори закажани за 29 декември.

Три години откако беше именуван за шеф на државата од армијата по смртта на неговиот татко, кој беше убиен од бунтовниците, генералот Махамат Идрис Деби, кој сега има 40 години, на референдумот во декември 2023 година усвои нов Устав на земјата, а во мај годинава беше избран за претседател по гласањето што го бојкотира дел од опозицијата.

Светската организација против тортура кон средината на септември го осуди зголемувањето на апсењата и притворањата без соодветна постапка од страна на чадските разузнавачки служби.сд/

Остани поврзан