• сабота, 23 ноември 2024

Претседателот на Уставниот суд Костадиновски се сретна со холандската амбасадорка Џанел

Претседателот на Уставниот суд Костадиновски се сретна со холандската амбасадорка Џанел

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски и судиите Татјана Васиќ-Бозаџиева, Фатмир Скендер и Ана Павловска Данева остварија работна средба со амбасадорката на Кралството Холандија во земјава Узлем Џанел, информираат од Уставниот суд.

Костадиновски ја запознал амбасадорката Џaнел со неговите, како што рекол, јавно прокламирани приоритети кои се во насока на зајакнување на улогата на Уставниот суд во обезбедувањето на со Устав определената надлежност да ја штити уставноста во поредокот и да го обезбеди владеењето на правото. 

-Високо ја ценам улогата, посветеноста и помошта од Кралството Холандија за Република Северна Македонија во унапредувањето на капацитетите и обезбедувањето на владеењето на правото. Враќањето на довербата на граѓаните во правната држава и бескомпромисноста во заштитата на владеењето на правото се императив за Судот и во тој поглед ние сме на иста страна, нагласил претседателот Костадиновски. 

Амбасадорката Џанел ги поздравила приоритетите на претседателот и заложбите на Уставниот суд во заштитата на уставноста.

-Мојата земја е високо посветена на темата владеење на правото како императив и темел на секое демократско општество. Подготвени сме да ги разгледаме можностите и за потесна соработка со Уставниот суд,  истакнала амбасадорката Џанел на средбата. сст/са/ 

Фото: Уставен суд

Остани поврзан