• недела, 24 ноември 2024

Виктор Мизо се обрати на Годишната конференција на автомобилскиот кластер на Србија

Виктор Мизо се обрати на Годишната конференција на автомобилскиот кластер на Србија

13 октомври 2023 

На почетокот на месец октомври се одржа Годишната конференција на автомобилскиот кластер на Србија во близина на Белград на Сребрено Езеро. Со ретроспективен осврт на состојбата на автомобилската индустрија во земјите од регионот, претставниците кои беа дел од оваа конференција говореа за најголемите предизвици, актуелните трендови и иновации во оваа значајна индустрија.

Владимир Томиќ, претставник на Агенцијата за развој на Србија (РАС), презентираше ажурирани податоци за компаниите кои се занимаваат со производство за автомобилскиот сектор во Србија: 98.000 вработени во 130 активни компании. Како што истакнува, значајни се и изненадувачките приходи: „Помеѓу 2020 и 2021 година бележиме значителен скок од речиси една милијарда евра на вкупно 4.9 милијарди евра, што доволно говори за развојот на овој сектор. Можеме да кажеме дека производството, по период на стагнација поради Ковид, конечно почна да расте“. Недостигот од образован кадар и (не)конкурентноста на регионалните компании се едни од најголемите предизвици со кои се соочува овој сектор. „Со цел да се подобри ситуацијата“, сугерира Томиќ, „неопходно е да се истражат начини за производство на производи со поголема додадена вредност“. Во исто време, колку што ги поддржуваме странските инвеститори, не интересира и како домашните компании и локални претпријатија во Србија можат да постигнат импресивни бројки во прометот и вработеноста и да станат конкурентни, способни да понудат поголемо знаење и производи со поголема вредност“.

Босанскиот пазар, исто така, доживува позитивни промени по пандемијата. Армин Хоџиќ, директор на енергетскиот сектор на Стопанската комора на ФБиХ и шеф на Групацијата за автомобилска индустрија на БиХ, презентираше податоци кои го потврдуваат тоа: „Во 2020 година извозот изнесуваше 500 милиони евра, а во овој сектор беа вработени 14.500 луѓе. Минатата година извозот изнесуваше милијарда и 200 милиони евра, а бројот на вработени (вклучувајќи ги и вработените во текстилната и хемиската индустрија) се зголеми на 20.000“.

Автомобилската индустрија на Босна и Херцеговина вклучува 80 големи компании, но овие податоци во никој случај не се конечни. Поради комплицираната административна структура и пренос на информации и фактот што помалите компании не аплицираат за јавни програми, разумно е да се претпостави дека овој број е значително поголем. Хоџиќ, пак, ги истакнува знаењата и вештините на вработените како предност на автомобилската бизнис заедница на Босна и Херцеговина.

Внимателен во изнесувањето на проекции за состојбите во автомобилската индустрија, претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора, и директор на „Костал“, Виктор Мизо посочи дека над 50% од вкупниот извоз од земјата е од странските производствени компании, од кои најголем дел се од автомобилската индустрија. Влезот и растот на автомобилската индустрија во С.Македонија уште пред 15 години го означува еден од најголемите структурни пресврти во националната индустрија и економија. Сето ова резултираше големи мултинационални играчи од Германија, САД, Канада, Обединето Кралство, Кина, Белгија, Тајван да ја изберат токму Македонија како важна инвестициска дестинација за нивното европско проширување. Затоа, денеска во време на глобална економска криза каде што закрепнувањето ќе потрае подолго од првичните прогнози, предизвиците со кои се соочува автомобилската индустрија може да доведат до неповолни придвижувања на националната економија и стандардот во пошироки размери.

Осврнувајќи се на чекори за подобрување на состојбата во индустријата, Мизо потенцираше дека покрај веќе споменатиот недостиг на образован кадар и (не)конкурентноста на регионалните компании, сериозна пречка за бизнисот е и немањето соодветна законска рамка и регулатива во земјите од регионот, кои би ги следеле движењата и потребите на странските инвеститорите. „Државата треба и може да обезбеди поддршка за странските инвеститори“, вели Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори во Северна Македонија. „Оваа поддршка“, додава тој, „најдобро ја дава квалитетниот образовен систем и усогласувањето на царинските стапки“. Образовниот систем треба да се фокусира на Industry 4.0 и 5.0, како и на електроника и мехатроника. Ако владата не инвестира во развој, лаборатории, истражување и технологија, компаниите не можат сами да го направат тоа. Од друга страна, царинските стапки и тарифи не се само начин да се дојде до пари за државата, туку во исто време претставуваат и сериозна бариера за бизнисот и инвестициите“.

Автомобилската индустрија е многу значајна индустрија за македонската економија како во поглед на извозот така во поглед на работните места кој ги обезбедува. Минатата година извозот преку компаниите од автомобилската индустрија достигна околу 3.95 милијарди евра, а бројот на работни места 32 000.

Соговорниците на конференцијата се согласија дека ако сакаат видливи резултати со јасна национална и регионална стратегија во привлекување на сериозни брендови во оваа и други индустрии крајно време е наместо јалови дискусии, дебати и политиканство сите заеднички да се фатиме за реална работа со голема посветеност и професионализам.

Можностите за соработка се многубројни, не недостига ниту волја, но честопати пресудниот збор го има геополитиката, се согласуваат нашите соговорници. Геополитиката често има силно влијание врз индустријата и производството. Северна Македонија е отворена, на пример, за германски и американски инвеститори, но сеуште нема успех во привлекување на компании од Франција, Јапонија или Кореа. За разлика од кај нас, бројни компании од автомобилската индустрија од овие три земји се присутни и работата во Србија веќе подолго време (Nidec, Toyo Tires, Yazaki, Yura, Michelin, Hutchinson и др).

Мизо е на мислење дека решението за идниот раст на автомобилската индустрија во земјите од регионот всушност лежи во производите со додадена вредност, посилна конкурентност и усвојување на најновите глобални стандарди како сметководствени и финансиски, така и примена на нови технолошки процеси.

За време на конференцијата се разговараше и за потребата од добавувачи во регионот, за неопходната помош во развојот на автомобилската индустрија, а се одржа и Собрание на автомобилскиот кластер на Србија.

Автомобилскиот кластер на Србија континуирано работи на сопствената репрезентативност, раст и сериозност на активностите, а настаните како одржаната конференција служат како платформа за средба, проценка на состојбите и обединување на барањата на компаниите.

Служба за информирање

Стопанска комора на Северна Македонија

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Стопанска комора на Северна Македонија

Остани поврзан