• среда, 27 ноември 2024

Претседателот на Собранието Африм Гаши се сретна со евроамбасадорот Дејвид Гир

Претседателот на Собранието Африм Гаши се сретна со евроамбасадорот Дејвид Гир

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари прва средба по изборот на функцијата, со евроамбасадорот Дејвид Гир и со претставници на Делегацијата на Европската Унија во земјава.

-Честитајќи му го изборот на Гаши за претседател на Собранието, амбасадорот Гир изрази очекување дека новиот парламентарен состав ќе работи посветено во остварување на стратешката цел на земјата за полноправно членство во Европската Унија, информираат собраниските прес-служби.

Гаши се заблагодарил за, како што рекол, недвосмислената и континуирана поддршка на европските институции за процесот на проширување.

-Тој го поздрави Планот за раст на Западен Балкан, кој, како што рече, треба дополнително да го поттикне регионот да се подготви за членството во ЕУ, посебно преку спроведување реформи во делот на владеењето на правото, зајакнувањето на демократските институции, борбата против корупцијата, економскиот развој, се вели во соопштението од Собранието. 

Соговорниците разговарале и за можностите за продолжување на „Жан Моне“ дијалогот, кој го оцениле како мошне ефикасен и целисходен во изминатиот период, при што Гаши посочил дека новиот собраниски состав веќе функционира врз основа на новиот Деловник.

Претседателот на Собранието, исто така, изразил задоволство за тоа што новата Методологија на ЕУ за проширувањето предвидува засилена улога на парламентите во преговорите, уверувајќи дека новиот парламентарен состав ќе се вложи целосно во овој процес.

Претседателот Гаши и евроамбасадорот Гир размениле мислења и за престојните избори за Европскиот парламент, како и за претстојниот избор на нова влада во земјава. Тие разговарале и за процедурите за донесување на законите во Собранието, за зајакнувањето на надзорната функција на Собранието во однос на извршната власт, како и за понатамошното усогласување со законодавството на ЕУ. сст/дма/

Фото: Собрание

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан