• вторник, 24 декември 2024

Претседателот на МД “Илинден” - Тирана, Ѓурѓај ќе учествува на Конгресот на ФУЕН во Печ, Унгарија

Претседателот на МД “Илинден” - Тирана, Ѓурѓај ќе учествува на Конгресот на ФУЕН во Печ, Унгарија

Дебар, 2 септември 2023 (МИА) - Претседателот на македонското друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај ќе учествува на Конгресот на Федералната унија на европски националности (ФУЕН), што ќе се одржи во Печ, Унгарија од 7 до 10, овој месец.

Домаќин на 67-от Конгрес на ФУЕН е Националната самоуправа на унгарските Германци. 

- За нас е големо задоволство да бидеме домаќини,  по вторпат од 2008 година и во исто време обврска што ја сфаќаме многу сериозно, оценува Иболја Хок-Енглендер, претседателка на организацијата домаќин на официјалната страна на ФУЕН. 

Додава дека Печ со право може да се смета за достојно место за одржување на  конгресот, бидејќи во него покрај Унгарците живеат различни националности Ерменци, Германци, Грци, Хрвати, Полјаци, Роми, Романци, Рутени, Срби и Украинци.

- Настанот е добра можност за Германците да го претстават своето патување од Конгресот во 1991 година во Будимпешта и да ни дадат увид во нивниот живот и институции во заедницата, посочува претседателот на ФУЕН, Лорант Винче. 

Според Ѓурѓај, пограмата вклучува теми како што се заштитата на малцинствата во ЕУ, улогата на малцинствата и ФУЕН во демократските општества и можностите за културна автономија.

- За време на сесиите на работните групи, учесниците ќе имаат можност да се сретнат и со претставници на другите националности кои живеат во Унгарија, па дури и да посетат некои од нивните културни и образовни институции во градот домаќин. Предвидени се и годишните состаноци на работните групи на ФУЕН, рече Ѓурѓај за МИА.

На 9 септември ќе се одржи Собрание на делегати на кое ќе се разгледаат активностите во изминатата година, ќе се гласа за резолуции и апликации за членство и ќе се расправа за идните планови. 

Македонското друштвото ”Илинден”-Тирана член е на ФУЕН од 16 мај 2015 година и е дел од работната група на словенските малцинства. 

Во овој период редовно учествува на конгреси и други активности, а по предлог на друштвото усвоена е и Резолуција за положбата на македонското малцинство во Република Албанија. вт/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан