Претседателот на Европскиот совет и британскиот премиер се заложија за мирна транзиција во Сирија
- Новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта и британскиот премиер Кир Стармер денеска ја истакнаа важноста од „мирна транзиција“ во Сирија, откако исламистичките бунтовници го соборија претседателот Башар ал Асад.
Лондон, 12 декември 2024 (МИА) – Новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта и британскиот премиер Кир Стармер денеска ја истакнаа важноста од „мирна транзиција“ во Сирија, откако исламистичките бунтовници го соборија претседателот Башар ал Асад.
Кошта и Стармер, кои се сретнаа за прв пат во Лондон, „се согласија за важноста од обезбедување мирна транзиција кон долгорочна политичка стабилност по падот на бруталниот режим на Асад“, се вели во заедничката изјава.
Асад беше соборен во неделата од коалицијата на исламистички бунтовници предводена од групата Хајат Тахрир ал-Шам, поранешен локален огранок на Ал Каеда.
После тоа, беше назначен премиер одговорен за транзицијата, Мохамад ал Башир, кој вети дека ќе воспостави „владеење на правото“.
Во врска со прашањето за Украина, Стармер и Кошта ја повторија својата „непоколеблива посветеност за обезбедување континуирана политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина и нејзиниот народ, онолку долго колку што е потребно интензивно“. јт/
Фото: ЕПА