Претседателот на Буркина Фасо одби зголемување на платата и побара функционерите да ги пријават своите имоти
- Инаку, деновиве на социјалните мрежи се посочува дека Траоре неодамна објавил зголемување на платите на државните службеници за 50 отсто и намалување на платите на пратениците, министрите и другите политичари за 30 отсто, но истата не е потврдена од официјални извори, ниту ја пренесуваат релевантни медиуми. И во мај 2024 слична објава за Траоре стана вирална, меѓутоа организации за проверка на факти, како PRNigeria и Dubawa, заклучија дека нема докази за такви промени во платите.

Уагадугу, 28 март 2025 (МИА) - Претседателот на Буркина Фасо, Ибрахим Траоре одби да му биде зголемена платата. Тој јавно го обелодени својот имот, кој изнесува 128.566 долари, и реши да ја задржи истата плата што ја примал како војник, пренесува Малави24.
Медиумот посочува дека 37-годинишниот Траоре, кој дојде на власт преку воен удар минатата година, веќе презеде значајни чекори во борбата против корупцијата и зајакнување на транспарентноста.Овој потег претставува драстичен контраст во однос на неговите претходници и сигнализира нова ера на лидерство, фокусирана на јавниот интерес наместо на личното збогатување.
Тој претходно нареди сите владини функционери да ги пријават своите имотни листови до 24 март 2025 година, предупредувајќи на брзи судски постапки против оние кои нема да се придржуваат кон оваа мерка. Овој чекор е дел од пошироката стратегија за искоренување на корупцијата, која вклучува и забрана за државни службеници да склучуваат бизнис зделки со државата, со цел да се спречи злоупотребата на функциите за лична корист.
Инаку, деновиве на социјалните мрежи се посочува дека Траоре неодамна објавил зголемување на платите на државните службеници за 50 отсто и намалување на платите на пратениците, министрите и другите политичари за 30 отсто, но истата не е потврдена од официјални извори, ниту ја пренесуваат релевантни медиуми. И во мај 2024 слична објава за Траоре стана вирална, меѓутоа организации за проверка на факти, како PRNigeria и Dubawa, заклучија дека нема докази за такви промени во платите. ссм/
фото: ЕПА архива