• четврток, 26 декември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова прими претставници на македонски здруженија во Албанија

Претседателката Сиљановска Давкова прими претставници на македонски здруженија во Албанија

Скопје, 20 јули 2024 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска во Вила Билјана во Охрид, примила претставници на македонски здруженија во Република Албанија, соопштија од нејзиниот Кабинет.

На средбата, на која присуствувале Едмонд Темелко, Спиро Малевски и Елеонора Мазенковски од организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија – „Преспа“, Бесник Хасани, од македонското друштво „Мост“, Мехмед Хоџа од друштвото „Гора“, Панди Јани од Партијата на слободата за Мала Преспа и македонскиот активист Панде Симоновски од Тирана, претседателката Сиљановска Давкова била запозната со тековните активности на Македонците во Албанија фокусирани на заштитата и афирмацијата на македонскиот јазик, култура и традиции.

Претседателката Сиљановска Давкова изразила задоволство од нивниот значаен придонес во средините во кои живеат и работат, континуирано унапредувајќи ги македонско-албанските односи.

- Во разговорот беа разменети мислења за резултатите од последниот попис во Албанија, при што претставниците на македонското национално малцинство, осврнувајќи се на правата и слободите на Македонците во Албанија, изразија незадоволство од спроведениот попис. Истакнувајќи го почитувањето на етничката, религиска, јазична и идентитетска припадност на малцинствата, како темелна европска вредност, претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи важноста пописот, секогаш, без исклучок да ја отсликува реалноста во секое општество, се вели во соопштението.

На средбата со претставниците на македонските здруженија присуствувале и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, пратеничката во македонското собрание, Рашела Мизрахи и поранешниот амбасадор во Република Албанија, Веле Трпески. цр/хс

Фото: Кабинет на Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова 

 

Остани поврзан