• четврток, 26 декември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова оствари телефонски разговор со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ

Претседателката Сиљановска Давкова оствари телефонски разговор со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ

Скопје, 10 јуни 2024 (МИА) -  Билатералните односи се пријателски, без отворени прашања, со континуиран политички дијалог и конструктивна соработка, оцениле во телефонски разговор претседателката Гордана Сиљановска Давкова и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

Во разговорот, како што соопшти Кабинетот на претседателката, била потврдена посветеноста на двете држави за продлабочување на традиционалното партнерство, како и јакнење на регионалната соработка.

Двајцата соговорници изразиле подготвеност и за продолжување на соработката во рамките на НАТО, а претседателката Сиљановска Давкова се заблагодарила за принципиелната поддршка од Хрватска на македонските евроинтеграции.

Сиљановска Давкова и Милановиќ, како што е наведено во соопштението, размениле мислења за соработката на регионален и мултилатерален план, за европските перспективи на нашата земја и состојбите во регионот.

Во разговорот станало збор и за положбата на македонската заедница во Хрватска и хрватската во Македонија, при што било оценето дека правата на малцинствата во двете земји се на високо ниво и дека постои целосна подготвеност од двете страни за нивно дополнително унапредување. дма/лв/

Фото: Кабинет на претседателот

 

 

Остани поврзан