• сабота, 28 декември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова го прими литванскиот диригент и виолинист Џулијан Рахлин кој ќе настапи на отворањето на „Охридско лето“

Претседателката Сиљановска Давкова го прими литванскиот диригент и виолинист Џулијан Рахлин кој ќе настапи на отворањето на „Охридско лето“

Охрид, 12 јули 2024 (МИА) – Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Вилата „Билјана“ во Охрид, го прими раководството на македонската меѓународна музичко-сценска манифестација „Охридско Лето“ и литванскиот диригент и виолинист Џулијан Рахлин кој ќе настапи на вечерашното свечено отворање на 64.фестивалско издание.

Посакувајќи му добредојде и успешен настап на реномираниот уметник од Литванија, претседателката Сиљановска Давкова беше запознаена со импозантната и долгогодишна меѓународна музичка кариера на Рахлин и изрази задоволство што врвен и баран уметник на сите светски меридијани ќе настапи заедно со оркестарот на македонската филхармонија на свеченото отворање на оваа наша значајна музичка манифестација. 

Претседателката изрази очекување дека со својот перформанс уметниците ќе остават посебен белег и силен впечаток на годинашното издание на „Охридско лето“. Таа изрази уверување дека богатиот уметнички репертоар на претстојните фестивалските вечери ќе ги задоволи музичките апетити на домашната и на меѓународната публика.

На средбата, на која што присуствуваа директорката Наташа Поповиќ и селекторките Бисера Чадловска и Сања Арсовска, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека „Охридско лето“ како еден од најпрепознатливите и најквалитетни културни настани во поширокиот регион, има сериозен влог во македонската култура и меѓународната афирмација на земјава. аб/дма/

фото: Кабинет

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан