• четврток, 26 декември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот албански амбасадор Денион Мејдани

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот албански амбасадор Денион Мејдани

Скопје, 25 јули 2024 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска ги примила акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Албанија, Денион Мејдани.

Како што соопштија од Кабинетот на  Сиљановска Давкова, на церемонијата на предавање на акредитивните писма, таа изразила задоволство од позитивниот и континуиран развоен тренд на односите и соработката меѓу двете пријателски земји и заемната волја, готовност и посветеност за интензивирање и унапредување на соработката во сите области од заемен интерес.

- Евроинтеграциите се приоритет на обете земји, исто како и потребата од забрзување на овие процеси во периодот што следи. Проширувањето на Европската Унија е значајно за регионот како целина и ќе придонесе за поттикнување на реформските и демократските процеси. Двете земји остануваат посветени на европскиот пат и се подготвени да соработуваат во насока на реализација на крајната и споделена цел – полноправно членство во Унијата, рекла претседателката Сиљановска Давкова, истакнувајќи дека двете држави се сојузници во НАТО и имаат заедничка визија и посветеност за мир, стабилност и економски просперитет како на Регионот, така и во глобални рамки.

Амбасадорот Мејдани, во своето обраќање на церемонијата, истакнал дека неговата мисија е неуморно да работи на издигнување на пријателството и соработката меѓу двете држави.

- Ние сме две нации кои ги обединува заедничката цел: да создадеме иднина на напредок, мир и иднина која ветува. Заедно го чекоревме патот на евроатлантската интеграција, спознавајќи дека нашите судбини се испреплетени. Заедно, можеме да создадеме светилник на стабилност и раст на Балканот, пример за она што е можно доколку единството и соработката го водат патот, рекол амбасадорот Мејдани.

Претседателката Сиљановска Давкова на амбасадорот Мејдани му посакала успех во извршувањето на одговорната функција. цр/ев/

Фото: Кабинет на претседателката на државата Сиљановска Давкова

 

 
 

Остани поврзан