• среда, 25 декември 2024

Претседателката на ЕК најави можност за почнување правна постапка против Германија

Претседателката на ЕК најави можност за почнување правна постапка против Германија
Брисел, 10 мај 2020 (МИА) - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека правото на ЕУ е надредено на правата на националните држави и дополни дека е можна постапка против Германија поради поткопување на европскиот правен поредок. Реакцијата доаѓа откако германскиот уставен суд го доведе во прашање првенството на највисокиот суд на ЕУ, преиспитувајќи ја стимулативната програма на Европската централна банка (ЕЦБ). Претходно Европскиот суд заклучи дека програмата за откупување обврзници е во согласност со европското право. Највисокиот германски суд би можел програмата за откуп на обврзници да ја прогласи за незаконска согласно германското законодавство, доколку не добие уверливо објаснување од ЕЦБ. Германската централна банка, Бундесбанк, би можела да биде исклучена од таа програма. Одлуката на германскиот суд се однесува на програмата за масовно откупување државни обврзници, обврзници на државни агенции, локални единици и меѓународни организации на секундарниот пазар. - Европската комисија потврдува три основни принципи: дека монетарната политика на Унијата е работа од исклучива надлежност; дека правото на Унијата има предност пред националното право и дека одлуките на Европскиот суд се обврзувачки за сите национални судови, се вели во соопштението од Фон дер Лајен, објавено попладнево. Таа соопшти дека Комисијата сега детално ќе ја проучи одлуката на германскиот Уставен суд и ќе ги разгледа натамошните чекори, кои може да значат и почнувања правна постапка против Германија. - Европската унија е заедница на вредности и права, кои секогаш мора да се поддржуваат и бранат. Тоа нè држи заедно. За тоа се залагаме, потенцираше претседателката на Еврокомисијата. ссм/  

Остани поврзан