• четврток, 26 декември 2024

Претседателите на Грција, Италија, Хрватска, Малта, Португалија и Словенија со заеднички апел за климатската криза во Медитеранот

Претседателите на Грција, Италија, Хрватска, Малта, Португалија и Словенија со заеднички апел за климатската криза во Медитеранот

Атина, 2 август 2023 (МИА) – Заеднички апел во кој ја нагласуваат итната потреба за решавање за опасностите од климатската криза во Медитеранот, упатија претседателите на Грција, Италија, Хрватска, Малта, Португалија и Словенија, земји членки на групата Араиолос, јави дописничката на МИА од Атина. 

Шефовите на државите истакнуваат дека климатската криза е веќе тука, последиците се видливи, особено во Медитеранот, „кој е силно погоден и е во опасност не само од недостиг на вода и недостиг на електрична енергија, туку и од поплави, големи топлотни бранови, шумски пожари и опустошување“ и посочуваат дека екстремните природни феномени го уништуваат екосистемот и го загрозуваат секојдневието на граѓаните.

-Повеќе нема време за одложувања, ниту за компромиси од политички или економски причини. Постои итна потреба за дејствување и итно преземање ефективни иницијативи. Сите медитерански земји мора да преземат координирана акција и да реагираат, да вложат колективни напори да ги запрат и да ги отстранат последиците од климатската криза, пишува во заедничкиот апел. 

Додаваат дека е потребно да се донесат конкретни политики, да се сензибилизира јавното мислење во оваа насока, но и посочуваат дека се обврзуваат дека ќе поддржат секаква „заедничка иницијатива за акција“ и апелираат до Европската унија, другите медитерански држави и меѓународната заедница „да го задржат ова прашање високо на нивната политичка агенда“.

Заедничкиот апел за Медитеранот е по иницијатива на претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, а го потпишуваат претседателот на Италија Серџо Матарела, на Хрватска Зоран Миловановќ, на Малта Џорџ Вела, на Португалија Марсело Ребело де Соуза и на Словенија Наташа Пирц Мусар.ср/сд/

Остани поврзан