• четврток, 26 декември 2024

Претпоследен ден од пописот, досега попишани 1.760.194 лица во земјава и 201.247 од дијаспората

Претпоследен ден од пописот, досега попишани 1.760.194 лица во земјава и 201.247 од дијаспората
Скопје, 28 септември 2021 (МИА) – Заклучно до денеска во 7:30 часот во земјава се попишани вкупно 1.760.194 лица, 546.080 домаќинства и 789.406 станови, соопшти Државниот завод за статистика. Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле – 201.247 граѓани од дијаспората. Денеска е 25-тиот ден од Пописот 2021 и до крајот остануваат уште еден ден пописни активности. Освен во своите домови, граѓаните можат да се попишат и на одредени пунктови во нивните општини, што ги отвори Државниот завод за статистика. Локациите за попишување се достапни на линкот на ДЗС: https://popis2021.stat.gov.mk/Upatstva/SpisokNaKPRzaPopisuvanje.pdf Од Државниот завод за статистика велат дека во последните денови од Пописот на населението, домаќинствата и становите, пописните активности на терен се одвиваат непречено и во одредени пописни реони со зголемен интензитет. Помалите пописни реони низ државата веќе завршуваат со попишување на населението и се прават последни завршни проверки. Во одредени урбани средини интензитетот на попишување се зголемува, се вклучуваат дополнителни попишувачи за да може да се посети секое домаќинство и никој да не биде пропуштен. Со сиот расположлив потенцијал се работи непрекинато и според утврдените рокови предвидени во Законот за попис, истакнуваат од ДЗС. Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој официјално започна на 5 септември ќе трае до 30 септември. аа/са/

Остани поврзан