• четврток, 19 декември 2024

„Преспа форум“: Милановиќ, Бегај и Милатовиќ за брза евроинтеграција Западен Балкан

„Преспа форум“: Милановиќ, Бегај и Милатовиќ за брза евроинтеграција Западен Балкан

Струга, 16 јуни 2023 (МИА) – Западнобалканските земји останаа неприосединети во ЕУ. Тој процес премногу се одолжи, тоа е понижувачки долг процес, процес што никој кој има добри и чесни намери не може да го објасни... Тоа е еден грозоморен процес што им го наметнавме... Треба да застанеме малку, да размислиме и за нивото на кое се наоѓа демократијата во ЕУ. Тоа го нагласи претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ на сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“ одржана во рамки на „Преспа-форумот“ што се одржува во Струга.

Милановиќ укажа на потребата државите од Западен Балкан час поскоро да бидат присоединети кон ЕУ.

Тој критички зборуваше за самите институции на ЕУ за кои рече дека е тешко да се каже дека се демократски. „Дури и Европарламентот не е демократска институција бидејќи не ги почитува стандардите на парламентарната демократија. ЕУ страда од хроничен недостаток на отчетност“, рече меѓу другото Милановиќ.

- Јас една деценија бев лидер на многу либерална социјалдемократска партија. Ние бевме застапници на човековите права, сигнализиравме доблести...Сега сум претседател на демократска република, свесен за сите нејзини недостатоци. Живееме во несовршена средина. Не сум покажувал некаков интерес за Русите, сум нудел и хрватски пасоши на бројни противници на Путин како Гари Каспаров. Проблемот не е Путин, тоа сме ние, тоа се стандардите што ние ги поставуваме, тоа е отчетноста на ЕУ, отчетноста кај сите оние кои постојано зборуваат за некакви вредности, кај оние кои треба да им објаснат на луѓето како се уште постои смртна казна во САД, за која се вели дека всушност и не е смртна казна туку закана дека можете да бидете убиени доколку направите престап против државата...“ рече Милановиќ.

Како пример за недоследност уште посочи на некакви забелешки за изборите во Албанија или Црна Гора каде, како што рече, се спроведуваат совршени изборни процеси, наспроти она што се случуваше со изборите во САД.

Албанскиот претседател Бајрам Бегај, од своја страна смета дека од форумот треба да ја пренесе пораката дека без разлика на геополитичките премрежја иднината на овој регион ќе биде во европското и евроатланското семејство.

- Денес е поважно од било кога да ги промовираме вредностите на демократското владеење. Тие што промовираат конфликт треба да направиме да не успеат, бидејќи сме мал регион каде што културите и традициите се целосно испреплетени и има релано можности да се креира позитивна енергија. Балканот има да понуди многу има пружена рака на пријателство кон соседите и сојузниците. Нашите конфликти верувам дека можат да станат наши лекции, заклучи Бегај.

Тој нагласи дека земјите од Балканот се исправени пред предизвици кои бараат ангажираност во национална регионална и меѓународна смисла и оти заедно да работат на решенија и промени.

- Последните години поради геополитичките настани и зголемувањето на моќта на трети недемократски актери се поставува дилемата дали демократија или стабилност, констатира Бегај.

Осврнувајќи се на темата од денешниот панел, се наврати во времето на комунизот кога неговата држава во период од 50 години имала мир, но не и демократија. Мирот е гарантиран кога земјите имаат демократија.

- По Студената војна имаше оптимизам дека војната нема да биде опција и демократијата победуваше и го зголемуваше просторот низ целиот свет. Само три децении подоцна станавме сведоци на брутална непровоцирана воена агресија на една од членките на Советот на безбедност на ОН на друга членка на ОН. Ефектите на оваа интервенција се многубројни од закана за употреба на нуклеарно оружје, до безбедноста на исхраната, зголемувањ ена цените на енегенсите, глобалната несигурност..., Директно влијание ова има и во нашиот регион на Западен Балкан каде сеуште се обидуваме да изградиме регион каде ќе надвладее климата на соработка и безбедност, рече Бегај.

„Преспа форумот за дијалот“, нагласи, потсетува на историскиот договор од Преспа и покажува како визионерски храбри лидери преземаат и треба да превземат одговорност. Овој договор го прошири евроатланскиот простор на безбедност, заклучи тој.

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, рече дека хипотетичка е тезата дека демократскиот развој и благосостобата на Балканот е можен доколку земјите од регионот станат дел од ЕУ. Според Милатовиќ, одредени одлуки донесени во минатото покажале дека регионот има способност самостојно да решава проблеми и отворени прашања. Како пример го посочи Договорот од Преспа за кој рече дека решил долгорочен проблем меѓу две земји и покажал дека земјите од регионот се способни сами да ги решат проблемите.

- Она што понатаму отсуствуваше беше натамошен напредок, особено што се однесува на Северна Македонија и нејзиното пристапување кон ЕУ, рече тој.

За ситуацијата во Украина, Милатовиќ рече дека тоа бил повик за будење во ЕУ, на проширувањето да гледаат како на пополитички, а не само како на технички процес. сс/аб/

фото/МИА

 

Остани поврзан