• вторник, 12 ноември 2024

Прес-конференција на Амар Мециновиќ од Левица

Прес-конференција на Амар Мециновиќ од Левица
Скопје, 6 октомври 2021 Драги сограѓани, почитувана јавност И овие избори имаме поразителни резултати за демократските капацитети поради нечесната политичка игра која ја оркестрира владејачката партија. На нашите членови и кандидати им се ветуваат откази, емотивно се злоставуваат нивните семејства, физички се заплашуваат нашите поддржувачи. Обидите за саботажа на општото гласачко тело одат во недоглед. Во надоградба на позадинските тактики на владејачката партија, владини функционери го користат интегритетот на својата позиција да дискредитираат наши кандидати. Министерот за правда, Бојан Маричиќ ја користи својата владина позиција да дискредитира наш кандидат и ги таргетира социјално ранливите категории од населението во полза на партиската политика на СДСМ. Тој ослободен од срамот од злонамерната политика на СДСМ кон ромскиот народ кој го маргинализираат, во посета на Шуто Оризари наменски го дискредитирал нашиот кандидат за градоначалник Тефик Махмут како некој кој го познава и дека на жителите не им е потребен градоначалник кој убаво зборува. Во секоја етичка рамка е злоупотребата на владините функции за манипулација со ранливи категории на населението. Згора на се, етерот постојано се труе со прикаски против Левица иако ние сме парламентарна партија година дена и потполно некомпромитирана. Тоа го прават структури кои се дел од проблемите, а не од решенијата во сите области од живеењето. Нашите кандидати за градоначалници се тоа што нужно во заедниците кои ги кандидираме. За општина Центар го нудиме совршеното решение во архитектот Андреја Јанков. За Кисела Вода Јулијана Штркоска Колариќ која има долгогодишно искуство како внатрешен ревизор за да се справи со долгогодишното несовесно водење на локалната самоуправа. За Карпош, Дарко Ристовски, информатичар со беспрекорни менаџерски способности за една од најбогатите општини во градот и во државата. За Ѓорче Петров, Александар Димитријевиќ, адвокат со внатрешен компас за праведност во нерамномерно развиената општина. За Аеродром, Весна Кираџиева, атлетичарка за најспортската општина која не дише од бетонскиот саркофаг. За Град Скопје го поддржавме Петар Георгиевски - Камиказа, човек со визија за метропола. За Велес, Влатко Арсов, професор на Земјоделскиот факултет и тоа што навистина им треба на велешани. Најпосле за Шуто Оризари слаткоречивиот магистер од Оксфорд, Тефик Махмут од кој ги заплашуваат граѓаните. Има некои кои убаво зборуваат, има некои кои убаво ветуваат. Градоначалникот во заминување, Петре Шилегов вети пробивање на мост кој ќе ги спои Ѓорче Петров со булеварот „Илинденска“, но тоа не се случи. Вети гасификација на градот, но градот не е гасифициран. Вети дека излетничкиот центар на езерото Треска ќе биде реставриран и вратен во надлежностите на градот, но го распродаде. Вети казнување на загадувачите и засилени инспекциски контроли, но никој не е казнет. Вети град без смог до 2021 година, но Скопје не дише. Вети визија за престолнина која ќе има зелен карактер, но Скопје е бетонирано. Вети уредување на просторот кај Скопскиот аквадукт, но го претвори во депонија. Вети реновирање на Универзалната сала, па тргна да ја руши. Вети уредување на нов градски парк со ботаничка градина на потегот од СЦ „Борис Трајковски“ до Карпош 4 по течението на Вардар, кој никаде го нема. Вети преноќевалишта за бездомниците, како едно лажно бесрамно ветување. Вети пристапност за движење на лица со инвалидитет и рампи на сите институции, но потфрли. Вети спречување на градежната мафија, но добивме хармонија помеѓу мафијата и локалните власти. Вети пробивање на булевар по тврдината Кале, но и тоа се додаде како едно во низата лажни ветувања. Нечесноста, сепак е заедничка карактеристика во широката коалиција помеѓу владејачката партија и лажната опозиција. Затоа Левица вчера на 5 октомври поднесе приговор за поведување постапка за утврдување на законитоста, на финансирањето на изборната кампања на независната кандидатка за градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска  до Државната комисија за спречување на корупција поради постоење на основано сомневање дека ја финансира изборната кампања т.е. противзаконски користи поголем буџетски средства и рекламен простор во печатените и електронските медиуми спротивно на Изборниот законик. Имено, се сомневаме дека пријавената ги користи буџетските средства и рекламниот простор којшто согласно Изборниот законик и припаѓаат на Коалицијата Обнова на Македонија. Иако двата субјекти де јуре и  де факто немаат склучено званичен писмен договор за коалиција, а самиот доказ за тоа е дека Данела Арсовска настапува под реден број 82, а Коалицијата Обнова на Македонија под реден број 7 на гласачкото ливче. Ова се правилата на игра кои партите послушници на олигархијата ги имаат втемелено како природни и со нив баратаат за да го задржат превезот преку очите на народот. Тоа ни е јасно нам, тоа и е јасно на јавноста. Кога луѓето се прелажани и исплашени, тогаш тие победуваат. Токму затоа постојано имаме мала излезност на изборите, затоа што тогаш тие победуваат. И ништо друго не смееме да очекуваме од нив освен дека ќе продолжат со вакви патолошки однесувања. Само преку поголема вклученост на граѓаните во демократскиот процес можеме да ја возобновиме политичката култура и да се ослободиме од канџите на големите партии. Прес-конференција на портпаролот на изборната кампања на Левица - Амар Мециновиќ —————————————————————————————————————— МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.      

Остани поврзан