• четврток, 26 декември 2024

Пресечен меѓународен канал за шверц на наркотици, запленета дрога во вредност од околу 350.000 евра

Пресечен меѓународен канал за шверц на наркотици, запленета дрога во вредност од околу 350.000 евра
Скопје, 8 ноември 2021 (МИА) - Триесет и осумгодишен државјанин на Република Албанија е приведен вчеравечер на локален пат во селото Оровник во општина Дебрца, со што е пресечен меѓународен канал за шверц на марихуана од Албанија во нашата држава, соопшти МВР. - На 7 ноември 2021 во 20 часот на локален пат во селото Оровник, општина Дебрца, од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција - Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал е лишен од слобода М.П.(38), државјанин на Република Албанија, со што е пресечен меѓународен канал за шверц на марихуана од Албанија во нашата држава, наведуваат од МВР. Како што соопшти Сузана Прањиќ Талевска, портпарол во Министерството за внатрешни работи, при извршен преглед во патничко возило „цитроен берлинго“, со албански национални ознаки, кое М.П. го управувал, во задниот дел од возилото биле пронајдени и одземени пет торби со 100 пакувања марихуана, во вкупна количина од околу 100 килограми, со вредност од околу 350.000 евра. Оваа заплена е резултат на повеќемесечно следење на активностите на неколку албански државјани на територијата на државата кои биле инволвирани во недозволена трговија со наркотици. - М.П. е приведен и задржан во Полициска станица Охрид за понатамошна постапка, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок до ОЈО Охрид според член 215 од Кривичниот законик за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, се вели во соопштението. мс/дма/

Остани поврзан