• сабота, 12 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Препис на чудотворната икона Богородица Скоропослушничка од Света Гора донесен во Богородичниот манастир во с. Побожје

Препис на чудотворната икона Богородица Скоропослушничка од Света Гора донесен во Богородичниот манастир во с. Побожје

Скопје, 7 април 2025 (МИА) - Со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, претставници на Скопската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, престојуваа на Света Гора со цел да донесат препис од чудотворната икона Богородица Скоропослушничка во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“, во с. Побожје, Скопско.

Веродостојниот препис на оваа чудотворна икона беше изработен со благослов на игуменот на Светогорскиот манастир Дохијар, архимандрит Амфилохиј, со цел да биде донесена во Богородичниот манастир во Побожје.

Јеромонасите Агатон, Атанасиј и Иринеј, заедно со група поклоници, пристигнаа во манастирот Дохијар на Света Гора на 4 април 2025 година. Заедно со нив патуваше и екипа на Македонската Телевизија, која подготвува посебен прилог за овој настан.

На 5 април, по Божествената Литургија, иконата беше пренесена од манастирот Дохијар, каде што се чува оригиналот на чудотворната икона, до Богородичниот манастир покрај скопското село Побожје.

Таму беше пречекана од г.г. Стефан, бројно свештенство и монаштво од Скопската епархија. Многуброен верен народ дојде во манастирот за да се поклони на оваа света икона. Беше отслужена Вечерна богослужба, на која што началствуваше Архиепископот Стефан, а во продолжение беше отслужен и акатист во чест на Богородичната икона „Скоропослушничка“.

На собраниот верен народ со вдахновена беседа за оваа икона му се обрати Архиепископот Стефан. Тој им се заблагодари за ова благородно дело на верниците на чија иницијатива и на чиј трошок беше донесена оваа икона, а нивните имиња Му се познати на Сезнајниот Господ.

Извор/фото: Литургија.мк

Остани поврзан