• петок, 20 декември 2024

Пренџов: Со Буџетот за 2023 година власта планира да не задолжи за дополнителни 1,5 милијарда евра во текот на идната година

Пренџов: Со Буџетот за 2023 година власта планира да не задолжи за дополнителни 1,5 милијарда евра во текот на идната година
Скопје, 25 ноември 2022 Денес е втор ден од расправата за Буџетот за 2023та година. Ова е веќе 6-ти предлог Буџет на Коалицијата ДУИ и СДСМ, а економијата се движи од лошо полошо. Она што сакам да го истакнам на денешната прес конференција е движењето на јавниот долг. Кога Зоран Заев стана премиер, на 1 јуни 2017 година, јавниот долг изнесуваше 4,7 милијарди евра, а денес ако овој предлог Буџет се изгласа, јавниот долг на крајот на годината ќе биде повеќе од 8,5 милијарди евра или речиси двојно ќе биде зголемен.СДСМ лаже кога вели дека јавниот долг е висок поради долгови од минатото. Да беше така јавниот долг немаше да биде променет. Реалната слика е дека СДСМ во овој мандат ја задолжи Македонија колку сите влади заедно од независноста до денес. СДСМ и ДУИ ја водат државата како коцкар кој зема брзи кредити. Не им е гајле за иднината на државата и дали за година или две ќе дојдеме до грчко сценарио. Без никаков срам се фалат со парите земени од ММФ за кои освен ние, аплицирале Панама и Мароко. Ќе речат дека заемот од ММФ е голем исчекор, затоа што еврообврзницата ќе била скапа. Висока ќе е каматната стапка на еврообврзница се додека СДСМ и ДУИ кројат Буџети како овој за 2023 година, и се додека имаме влада која нема никаква економска политика и стратегија. Со Буџетот за 2023 година власта планира да не задолжи за дополнителни 1,5 милијарда евра во текот на идната година. Влегуваме во вртлог од кој многу тешко ќе излеземе. Не е неважна тема висината на јавниот долг, затоа што тоа е долг на сите нас. Тоа е долг кој што го оставаме и на нашите деца и внуци. Неговиот драстичен раст во овие пет години ќе го почувствуваме за некој месец од сега преку прогресивниот данок со стапка 80% повисока од основната, преку 50% повисокиот данок за приходи од кирии, капитални добивки, преку данокот на штедни депозити во услови кога парите губат вредност поради инфлација, ќе плаќаме повисок ДДВ за струја во 2023та година, според одредени најави се очекува да плаќаме ДДВ од 18% за бројни производи кои сега ги плаќаме со стапка од 5%, ќе плаќаат фирмите повеќе данок на добивка поради пошироката даночна основа итн, итн, Македонија се наоѓа во тешка економска криза. За жал, доаѓаат тешки денови за македонската економија и животниот стандарт на сите нас. СДСМ и ДУИ ја носат државата кон бездна и тие се клучниот проблем. Потребни се промени кои треба да се случат со гласот на граѓаните. Граѓаните се тие коишто на предвремени парламентарни избори во текот на 2023та година треба да изберат дали сакаат расипништво, повисоки даноци, купи ден продај политики или сакаат рационализација на трошењето, даночна политика со која најпродуктивните не се казнуваат, државни политики и стратегии кои се спроведуваат на дело и носат раст и развој. Љупчо Пренџов, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“ ___________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан