• среда, 25 декември 2024

Премиерот на Шпанија во Кина заради јакнење на соработката, и покрај трговскиот спор со ЕУ

Премиерот на Шпанија во Кина заради јакнење на соработката, и покрај трговскиот спор со ЕУ

Пекинг, 9 септември 2024 (МИА) - Премиерот на Шпанија Педро Санчез денеска се сретна со претседателот на Кина, Си Џинпинг во Пекинг, каде што ќе престојува до среда, и покрај трговскиот спор меѓу Кина и Европската Унија (ЕУ) во врска со електричните возила.

Шпанија е една од земјите членки на ЕУ кои оваа година ја поддржаа тарифата од 36,7 проценти на увозот на кинески електрични возила, на што Кина одговори со отворање истрага за увозот на свинско месо од ЕУ.

Државната кинеска новинска агенција Синхуа засега не даде информации за што точно разговарале Санчез и Си.

Санчез, исто така, разговараше и со кинескиот премиер Ли Чианг и претседателот на Парламентот, Жао Лиџи. За утре се планирани повеќе бизнис-форуми, како и отворање на Институтот Сервантес, кој ќе го промовира шпанскиот јазик и култура.

И покрај тензиите во врска со спорот околу тарифите, Шпанија го поздрави планот на кинескиот производител на автомобили „Чери“ да отвори фабрика за електрични возила во Барселона.

Увозот на производи од свинско месо од ЕУ во Кина достигна врв од 7,4 милијарди евра во 2020 година, кога Кина беше принудена да увезува поради болест кај домашните свињи. Меѓутоа, увозот на свинско месо од ЕУ од тогаш падна на 2,5 милијарди евра во 2023 година, а речиси половина од тој увоз е од Шпанија. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан