Премиерот на Малезија повика на единство меѓу земјите од југоисточна Азија после царините на Трамп
- Земјите од Југоисточна Азија треба да се држат заедно пред зголемувањето на царините на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави малезискиот премиер Анвар Ибрахим.

Куала Лумпур, 7 април 2025 (МИА) – Земјите од Југоисточна Азија треба да се држат заедно пред зголемувањето на царините на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави малезискиот премиер Анвар Ибрахим.
- Мораме да бидеме заедно како АСЕАН (Асоцијација на нациите од Југоисточна Азија), со население од 640 милиони луѓе, што е една од најголемите економски сили во светот, рече малезискиот премиер за време на состанокот на неговиот кабинет.
Министрите за економија од Југоисточна Азија в четврток ќе одржат состанок на кој ќе разговараат за прашањето за царините. Малезија годинава претседава со АСЕАН.
Виетнам подлежи на царини од 46 отсто за својот извоз во САД, додека соседна Камбоџа, главен производител на ефтина облека за големите западни брендови, е предмет на стапка од 49 отсто.
Стапката што се применува за Малезија е пониска, 24 проценти, додека за Индонезија е 32 проценти.
Како и другите членки на АСЕАН, Куала Лумпур соопшти дека нема да воведе реципрочни мерки кон САД.
- Важно е да останеме смирени бидејќи сè што води до трговска војна не е добро за глобалната економија, рече министерот за трговија на Малезија, Тенгку Зафрул Азиз. јт/
Фото: Анвар Ибрахим на Х