• четврток, 26 декември 2024

Премиерот на Грузија обвини неименуван еврокомесар за уцени и страшни закани

Премиерот на Грузија обвини неименуван еврокомесар за уцени и страшни закани

Тбилиси, 23 мај 2024 (МИА) - Грузискиот премиер Иракли Кобахидзе денеска обвини неименуван еврокомесар за „уцена“ и упатување „ужасна закана“, пред новото гласање во грузискиот парламент за законот за таканареченото „странско влијание“ што го осуди Европската унија и САД, против кој постојано се одржуваат демонстрации и беше ставено вето од претседателката на Грузија.

Според Кобахидзе, „европски комесар“ во телефонски разговор ги спомнал мерките што Западот би можел да ги преземе доколку тој закон дефинитивно биде усвоен.

Во таа прилика, неименуваниот комесар наводно го споменал неодамнешниот атентат врз премиерот на Словачка: „Видовте што се случи со (Роберт) Фицо. Треба да бидете многу внимателни“.

Покрај таа „ужасна закана“, Кобахидзе спомена и дека „високи странски политичари го уценуваат грузискиот народ и неговата демократски избрана влада“.

И покрај масовните протести и предупредувањата од Брисел и Вашингтон, на 14 мај, грузискиот парламент го усвои нацрт-законот за „странско влијание“, за кој неговите противници тврдат дека е направен според законот што се користи во Русија од 2012 година за да се потисне секоја опозиција на Путин.

Прозападната претседателка Саломе Зарубишвили стави вето на законот, но грузискиот парламент, во кој доминира партијата Грузиски сон на премиерот, планира да го отфрли на гласањето што се очекува во вторник. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан