• петок, 27 декември 2024

Премиерот Мицкоски присуствуваше на работен ручек со Фон дер Лајен и колегите од Западен Балкан 

Премиерот Мицкоски присуствуваше на работен ручек со Фон дер Лајен и колегите од Западен Балкан 

Брисел, 19 септември 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски, кој престојува во работна посета на Брисел, денеска заедно со останатите лидери од земјите од Западниот Балкан присуствуваше на работен ручек во организација на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. 

Во објава на платформата Икс по средбата, Фон дер Лајен наведе дека сите шест земји партнери од Западниот Балкан и припаѓаат на Европа. 

- Тоа е она на кое што работиме. Паралелно, ги доближуваме нивните економии и пазари до нашите со нашиот План за раст од 6 милијарди евра за регионот, наведе Фон дер Лајен во објавата. 

Глави теми на работниот ручек беа меѓусебната соработка и Планот за раст на Западниот Балкан на Европската комисија, во чии рамки е формиран Инструмент за раст и реформи, вреден шест милијарди евра, наменети за реформи и проекти поврзани со социо-економската сфера и основните права.  

На работниот ручек со Фон дер Лајен, покрај Мицкоски присуствуваа и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Косово, Албин Курти и на Црна Гора, Милојко Спајиќ, претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.  

Мицкоски попладнево во Брисел ќе има средби и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.    

Премиерот при посетата на Брисел е придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински и за европски прашања Орхан Муртезани. сп/ац/

Фото и видео: ЕБС

Остани поврзан