• среда, 18 декември 2024

Премиерот Мицкоски на екоакција за пошумување во Делчевско

Премиерот Мицкоски на екоакција за пошумување во Делчевско

Делчево, 14 декември 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на екоакција за пошумување и обнова на шумите во Источниот регион. Во акцијата за  пошумување учествуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, кој за МИА истакна дека полека се остварува зацртаниот план за пошумување на предвидените 214 хектари, колку што се предвидени за пошумување во овој регион.

-Денеска заедно со премиерот, дел од пратениците, директорот на „Национални шуми“ сме на пошумување на околу 50 хектари од предвидените 214 хектари, колку што е планирано согласно програмата за проширена репродукција. Сиот изминат период, „Национални шуми“ заедно со останати општествено-одговорни компании, засадени се повеќе од 850.000 садници на над 400 хектари, истакна Трипуновски.

За наредната година, како што додаде тој, предвидено е зголемување на средствата наменети за пошумување со кои очекува да се покрие поголема површина која во овој регион беше зафатена со пожари. 

Денешната акција е во организација на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Делчево под мотото „Да ги вратиме шумите на Истокот“ и има за цел да се засадат над 5000 дрвца на територијата на делчевското село Нов Истевник.

-Акцијата е во рамки на проектот „Го сакам Делчево“ и според информации на лицата кои учествуваат во пошумувањето се засадени близи 5000 садници. Како иницијатива сакам да ги пофалам вработените во „Национални шуми“, кои дополнително во изминатиот период посадија околу 50.000 садници на површина од 3,5 хектари, истакна претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Иван Гоцевски. вс/мд/


Фото: МИА

Остани поврзан