• среда, 13 ноември 2024

Премиерот Ковачески на отворањето на реконструираниот покриен пливачки базен во Струга

Премиерот Ковачески на отворањето на реконструираниот покриен пливачки базен во Струга

Струга, 27 декември 2023 (МИА) – Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на свеченоста по повод пуштањето во употреба на целосно реконструираниот покриен пливачки базен во Струга, проект спроведен со буџетски средства преку Агенцијата за млади и спорт во износ од 1,6 милиони евра.

Ковачевски во обраќањето пред присутните изрази задоволство што по цели 20 години повторно на стружани им стои на располагање затворениот пливачки базен, како што рече, споменот на многу генерации.

Тој изрази уверување дека објектот повторно ќе биде гордост на Струга и гордост на сите спортисти и вљубеници во пливањето.

- Затворениот пливачки базен е целосно реконструиран како дел од проектот на Агенцијата за млади и спорт - Изградба на 14 пливачки базени во Република Северна Македонија. Комплетно е реконструирано базенското корито, машинскиот дел, електричната инсталација на делот од соблекувалните, фасадниот дел и покривот, а дограден е и мал помошен базен, рече премиерот притоа најавувајќи дека слични објекти ќе добијат уште шест општини.

Ковачевски потсети дека во тек е изградбата на базените во општините Ѓорче Петров, Кисела Вода, Кичево, Битола, Карпош и Штип,  чијашто изградба треба да заврши во текот на 2024 година, додека наредните две години базени ќе добијат и Струмица и Кавадарци. Ковачевски истакна дека е завршен новиот базен во Тетово, и истиот е предаден во употреба.

Вредноста на базените поединечно изнесува околу 48 милиони денари или над 780 илјади евра.

- Покрај овие базени, Агенцијата за млади и спорт го гради и затворениот пливачки базен во Охрид, со вредност од 300 милиони денари или над 4,8 милиони евра. Со тоа, вкупната вредност за изградба на затворените базени во целата држава изнесува близу 12 милиони евра“, рече премиерот Ковачевски.  

Тој ја искористи можноста да истакне дека инвестициите во спортот се инвестиции во здрави и напредни генерации, оттаму и поттикот за иницирање на спортските потенцијали кај младите и сите граѓани, преку инвестиции во спортски објекти.

- Градиме спортски сали во училиштата, ги реновираме кошаркарските игралишта, го заживуваме спортот насекаде. Затоа и дел од буџетските средства во износ од 32,5 милиони евра, кои неодамна ги пренаменивме за општините за проекти на локално ниво, се наменети и за реализација на проекти од областа на спортот, рече Ковачевски.аб/са/

фото/МИА

 

Остани поврзан