• петок, 27 декември 2024

Премиерно изведена новата кореографска поставка „Подгор“ на кореографот Бобан Трпковски

Премиерно изведена новата кореографска поставка „Подгор“ на кореографот Бобан Трпковски

Тетово, 12 ноември 2023 (МИА) - Неостварена љубов помеѓу момче од село и градска мома, вистинит настан забележан преку песна во 1978 година е основата кореографот Бобан Трпковски да го создаде сплетот на народни ора и песни наречен „Подгор“. Премиерната изведба на кореографијата беше вчера во Тетово, од страна на членовите на Културно-уметничко друштво „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце.

- Целта на овој сплет на народни игри и песни е афирмацијата на македонскиот фолклор, култура, традиција, гласоечкото пеење како и народната носија од овој крај. Постановката претставува еден селски собор каде што има присуство на млади девојки, млади невести, ергени и други социјални статуси од општеството. Оваа кореографија започнува со песната „Танец се игра сред село“ забележана од страна на Томе Голубар во 1978 година, песна која се базира на вистинска приказна за градската мома Трпана и селскиот ашик Гавро, за нивната неостварена љубов, поради обичаите и традициите кои делувале во тоа време, изјави кореографот Бобан Трпковски.

Кореографската постановка „Подгор“ е второ авторско дело од областа на фолклорот на Трпковски која произлегува после долгото истражување во етничкиот предел Долни Полог, со акцент на селата кои се наоѓаат под падините на Шар Планина од каде што произлегува и самото име Подгор.

- За оваа песна сакам да упатам благодарност до Митко Спироски кој ми ја обезбеди аудио снимката. Песната испеана од браќата Трио Гавровски добива ново руво и повторно ќе може да се слушне во пошироката јавност. Сите овие ора и песни од Долни Полог низ годините населението ги твореле и негувало на празници, веселби, собори и други случувања за да ги пренесе од колено на колено до ден денес, она што ги создавал како своевидна традиција, култура и фолклор. Така се создавал фолклорот низ вековите на еден народ, но така се создаде и ова мое второ дело кое ја има единствената цел – да го сочува она што со векови се твореле, да биде сведок на едно минато и мост кон иднината. Да ни биде аманет за негова надоградба и афирмација, рече на промоцијата авторот Бобан Трпковски.

Во продолжение на кореографијата се среќаваат и „Огреала месечина“-ороводна песна „Сено слама“-оро, Елено моме-оро и песна, „Пајдушко“-оро и песна „Ај да речемо да кажемо“ и како за финале „Велигденско оро“.

Музичкиот аранжман за постановката ја направил Дарко Илиевски. При изведбата на играорскиот кор на КУД „Кирил Пејчиновиќ“-Теарце, придружен оркестар беше вокално-инструменталниот состав „Аманет“. Костимографијата е на Коце Исајловски. ас/вг/


фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан