• среда, 25 декември 2024

Премиера на претставата „Како ќе го делиме мачорот“ во Театарот за деца и младинци

Премиера на претставата „Како ќе го делиме мачорот“ во Театарот за деца и младинци

Скопје, 22 ноември 2023 (МИА) - На сцената на Театар за деца и младинци – Скопје вечерва ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Како ќе го делиме мачорот“, со текст и режија на Јане Спасиќ.

Режисерот Јане Спасиќ, инспириран од романите на познатата авторка за деца и млади Џуди Блум го пишува текстот „Како ќе го делиме мачорот?“, кој како и во нејзините книги, искрено ја отвора и согледува темата на развод во една фамилија и она низ што минуваат децата и родителите во тој процес.

Во претставата играат актерите Драган Довлев, Ана Левајковиќ Бошков, Матеа Јанковска, Никола Наковски, Ангела Димитрова, Ненад Митевски и Марија Ѓорѓијовска.

-Непристрасно, смело, но и нежно, оваа претстава ги отвора табу темите, и ги прикажува повеќето стравови на децата и родителите и притоа, ги поставува вообичаени прашања и перспективи и дилеми на секој развод. На тој начин искрено и отворено ги раскажува премолчените разговори при овој тежок процес, информираат од Театарот за деца и младинци за претставата.

Преку приказната за разводот на фамилијата Неделковски, претставата е како „отворен разговор“ за сите деца и млади кои го минуваат или го минале овој процес, но и поттик за родители да ја разберат нивната позицијата и потреби. Од друга страна таа, на еден свој начин е „другар“ на сите кои минале низ ова, едно место каде се одвиваат сите потиснати разговори, но и „прирачник“ за однесување за сите најблиски пријатели, другари и останати членови на семејството, кои сведочат за развод на своите ближни.

Иако, се бави со една тешка тема, претставата релативно лесно, „шета“ по сите потиснати и скриени катчиња на една фамилија во развод, а со тоа прикажува многу светла на краевите на повеќе тунели, понудувајќи повеќе убави исходи, отколку лоши.фф/мд/

Фото: Н.У. Театар за деца и младинци - Скопје

Остани поврзан