• среда, 25 декември 2024

Премиера на претставата „Демнејќи го Годо“ од Драго Јанчар во Театар Комедија

Премиера на претставата „Демнејќи го Годо“ од  Драго Јанчар во Театар Комедија

Скопје, 17 ноември 2023 (МИА) -  Театар Комедија и Турскиот театар од Скопје привршуваат со подготовката на првата копродукциска театарска претстава „Демнејќи го Годо“, чија премиера ќе биде прикажана на 12 декември на сцената на Театар Комедија во режија на Сибел Авдиу.

-Драмата „Демнејќи го Годо“ првпат е поставена во сезоната 1988/89 година на сцената на Словенечкиот народен театар во Љубљана. Настанувањето на текстот на крајот на осумдесеттите години од минатиот век, ги рефлектира општествените промени во поранешната држава и на некој начин ги антиципира случувањата што ќе резултираат со крвав пир како крајна форма на апсурдот. Во оригиналниот текст на Јанчар, двата лика со индикативни имиња Франц и Јозеф, се некакви агенти чијашто мисија е да го демнат отсутниот Годо, а крајната цел е да ги уништат годоистите, следбениците на оваа идолизирана претстава (чиешто суштествување е сомнително и недокажано). Во македонската адаптација, двата лика се, всушност, удвоени и постојат и како женски верзии, информираат од Театар Комедија.

Улогите ги толкуваат  Жаклина Стевковска-Дрнасин, Едмонд Сотир, Кристина Ласовска, Селпин Ќерим и Џенап Самет, сценографијата ја изработи Луиџи Бејта, костимите се дело на костимографката Ивана Каранфиловска,  а кореограф на претставата е Александра Кочовска- Начева.

Драго Јанчар (1948) е светски познат словенечки романсиер, драмски писател и есеист. Тој е еден од најпреведуваните и најнаградуваните словенечки книжевници. Голем број дела на Јанчар се приопштени и на македонски јазик, а меѓу нив се: романите „Таа ноќ ја видов“, „И љубовта“, „Зуење во главата“, „Посакување за потсмев“, расказите „Џојсовиот ученик“, драмите „Тивко се ниша часовникот“ и други. Во драмите на Драго Јанчар основата е критичко, сатирично или алегориско прикажување на реалните настани и конкретната стварност, и загрозеноста на поединецот од насилството на власта. Со „Демнејќи го Годо“, Јанчар ќе се претстави третпат пред македонската театарска публика, откако претходно, во 1986 и во 1990 година, во Македонскиот народен театар во Скопје и Народниот театар во Прилеп беше поставен текстот „Големиот брилијантен валцер“.

Официјалната продажба на влезниците ќе биде објавена преку јавните гласила и комуникациските канали. љм/са/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан