• петок, 27 декември 2024

Премиера на куклената претстава „Во детска соба“ во Театар за деца и младинци

Премиера на куклената претстава „Во детска соба“ во Театар за деца и младинци
Скопје, 19 април 2022 (МИА) - На сцената на Театар за деца и младинци вечер премиерно ќе биде изведена куклената претстава „Во детска соба“ на режисерката Милена Миланова од Република Бугарија, која живее и работи во Франција. Како што информираат од Н.У. Театар за деца и младинци - Скопје, станува збор за куклена претстава работена по различни современи методи. Еден од нив е и методот за создавање визуелен театар и визуелна драматургија на Филип Женти и Мери Андервуд, француски режисери, кореографи, куклари со кои Миланова има соработувано во претходните години. Авторката исто така во претставата го користи и методот на театарот на материјалот. Во претставата улогите ги толкуваат актерите Ангела Димитрова, Ана Левајковиќ Бошков, Никола Наковски, Петар Стојанов, Катарина Илиевска Силјановска и Ненад Митевски. Музиката за претставата е изработено од Ервин Тул од Франција, а сценографијата, дизајнот и куклите се авторско дело на Марина Червенкова од Бугарија. Првата реприза на претставата е закажана за 20.04.2022 со почеток од 19 часот. Претставата раскажува приказна за четворица чудни специјалисти вработени во компанијата „Kрени-носи”. Тие ја имаат способноста да раскажуваат спомени, скриени во кутии. Нивното мото е „Крени-носи, секогаш подготвени да помогнеме". Тие имаат задача да ги пренесат кутиите од детската соба на едно мало дете-Саша. Кутиите не се обични, туку волшебни, магични. Во секоја од нив се крие по една приказна, еден детски спомен за пријателството. Со помош на мачката Ѕвездана, со песни, кукли и бои, нашите храбри крено-носачи ќе ни ја раскажат приказната за детството на малиот Саша. За неговата средба со малото глувче, со големата риба, за подароците, за патувањата со родителите, за соништата, мечтите, борбите и пријателствата на малиот Саша. „Во детската соба“ е претстава за едно дете кое учи да се поврзува и да другарува со останатите. Режисерката Миланова, која воедно е и драматург на претставата вели дека „Во детска соба“ е претстава која промовира нови методи на создавање куклени претстави. - Во процесот на создавање на претставата користевме некои елементи од методот на Филип Женти, но иста така користиме и елементи од театарот на кловнот. Имаме мешавина од елемнтите на Женти, кои се состојат од многу движење, куклено мајсторство, многу алатки како да се поврзи кукларот со куклата, манипулациите, односот и ставот на куклата, неговиот став кон телото и неговото движење. Најважната работа е што ние работевме во крвотокот на театарот на материјалот, еден од најновите вредности во светот на куклениот театар. Овој пристап на работа постои две декади, но не многу автори го употребуваат. Тоа е комплексен начин да се направи визуелна драматургија со кукли, материјал и актери, потенцира режисерката Милена Миланова. Секоја претстава што ја создаваме, сама по себе секогаш се разликува од останатите, вели таа и додава дека оваа претстава е многу интимна и со значења на повеќе нивоа. - Малите деца можат да ја видат магијата во неа, поголемите деца да размислуваат, а возрасните можат да почувствуваат дека се буди детето во нив. Претставата се разликува од другите по комплексноста. Во неа имаме: актери, куклари, драмски карактери, куклени карактери и сите заедно живеат во ист свет кој е волшебен и можеме да патуваме низ него. Сметам дека тоа е најважно во уметноста кога гледачите може да патуваат низ тој свет, да почувствуваат нешто ново, да ги натера да размислуваат за сопствената состојба во нивните животи. Впрочем, се работи за детето во нас, како ние се чувствуваме во однос на тоа дете, како се грижиме за него и како всушност понекогаш забораваме на него, вели Миланова.фф/са/

Остани поврзан