• среда, 18 декември 2024

Премиера на документарниот филм „30 години државност, Уставот темел на иднината“

Премиера на документарниот филм „30 години државност, Уставот темел на иднината“
Скопје, 17 ноември 2021 (МИА) - По повод одбележувањето на 30-годишнината од донесувањето на првиот македонски Устав, вечер на МРТ1 ќе се емитува документарниот филм „30 години државност, Уставот-темел на иднината“. Документарниот филм е во копродукција на Фондацијата Конрад Аденауер во Северна Македонија (КАС) и на Македонската Радио Телевизија. Филмот ја одбележува 30-годишнината од донесувањето на Уставот, изгласан во Собранието на 17 ноември 1991 година, преку приказ на изградбата, предизвиците и успесите на државата. Исто така, преку богатата видео архива на случувањата низ овие 30 години, во филмот е прикажано влијанието на уставните промени во развојот на државата, граѓанското општество и созревањето на нацијата. Говорниците, меѓу кои и претседателот Стево Пендаровски, со личен осврт кон случувањата и уставните промени говорат за трансформацијата која е направена и за искушенијата низ времето. Оригиналната идеја за филмот е на проф. д-р Александар Спасеновски и тимот на Институтот за општествени истражувања „МК91“. Сценариото е на Дарко Чекеровски, режисер е Кирил Каракаш, директор на фотографија е Светислав Подлешанов, а монтажер е Марко Џамбазоски. Проектот е спроведен од КАС, во соработка со Институтот за општествени истражувања – МК91 и Центарот за социјални иновации БЛИНК 42- 21. Продуцент е официјалниот претставник на фондацијата, Даниел Браун, продуцент од МРТ1 е Наталија Зафировска, одговорен уредник на МРТ1 Анета Андонова и уредник на информативна програма на МРТ1, Стојан Трпчевски.бт/лв/

Остани поврзан