• среда, 25 декември 2024

Прелиминарен извештај на ЦИВИЛ за Претседателските избори: Мирен изборен ден, демократски и фер изборен натпревар

Прелиминарен извештај на ЦИВИЛ за Претседателските избори: Мирен изборен ден, демократски и фер изборен натпревар

Скопје, 25 април 2024

Мирен изборен ден, демократски и фер изборен натпревар и висока излезност се главните карактеристики на изборниот ден. Институциите обезбедија коректен изборен процес во кој граѓанкитe и граѓаните можеа слободно да гласаат. Политичките партии и претседателските кандидати имаа можност непречено да ги претстават своите програми и концепти во јавноста, а медиумите немаа пречки во известувањето. Тоа е прелиминарната оценка на ЦИВИЛ на Претседателските избори што се одржаа на 24 април.

ЦИВИЛ – Центар за слобода спроведува сеопфатен долгорочен изборен мониторинг на Претседателските и Парламентарните избори, од моментот на нивно распишување 14 февруари.

Посебно внимание во долгорочниот мониторинг на организацијата се посветува на дезинформациите, говорот на омразата и странското малигно влијание, како и на политичкото финансирање, медиумите и почитувањето на законските стандарди во текот на изборниот процес.

ЦИВИЛ спроведе мониторинг на Претседателските избори на 24 април со 51 акредитиран набљудувач. Сите набљудувачи на ЦИВИЛ се мобилни, односно посетуваат поголем број избирачки места, но го набљудуваат поширокиот регион во кој се распоредени.

Мониторингот на терен се спроведе преку мобилни краткорочни теренски набљудувачи во Скопје, Куманово, Пробиштип, Штип, Кочани, Велес, Кавадарци, Прилеп, Битола, Охрид, Струга, Кичево, Тетово, Гостивар.

Набљудувањето на терен се спроведува во 13 категории (плус „друго“), што обезбедува целосна информација за тоа што се случува.

Набљудувачите регистрираа повеќе од 60 случаи на нерегуларности во текот на гласањето на 24 април.

Поголем дел од тие нерегуларности беа од техничка природа. Поточно, во повеќе случаи се работеше за неисправност на фингерпринт апаратите или за неможност да се вчитаат податоците на поединечни гласачи. Изборната администрација успешно се справи со овие технички предизвици. Сепак, во два случаи, гласачите се откажаа од гласањето поради должината на чекањето.

Посериозно нарушување на стандардите се бележи во десетина случаи во кои поединци од изборната администрација (избирачките одбори) сугерираа, односно вршеа влијание врз гласачите - за кого да гласаат.

МВР извести за пет, а ЦИВИЛ за еден случај на фотографирање на гласачкото ливче.

Регистрирани се и неколку случаи на нарушување на тајноста на гласањето, како и повреда на правото на глас.

Кршењето на изборниот молк беше регистрирано во неколку случаи, како на терен, така и на социјалните мрежи и во дел од медиумите.

Иако беа пријавени неколку сомнежи за изборен поткуп, не беа обезбедени докази за такви дејствија.

ЦИВИЛ подготвува целосен извештај со сите поединечни случаи и избирачки места, односно локации каде што се регистрирани изборни нерегуларности на денот на гласањето, како и целосен извештај од долгорочниот мониторинг.

Целосниот извештај, заедно со анализите и препораките што произлегуваат од мониторингот, ќе биде објавен по завршувањето на изборниот процес.

ЦИВИЛ е на располагање на јавноста, институциите и медиумите за детали и согледувања поврзани со претседателските и парламентарните избори, како и за сите останати прашања поврзани со демократските процеси.

На парламентарните избори на 8 мај, ЦИВИЛ ќе распореди околу 100 акредитирани набљудувачи.

https://civilmedia.mk/preliminaren-izveshtaj-na-tsivil-za-pretsedatelskite-izbori-miren-izboren-den-demokratski-i-fer-izboren-natprevar/

 ЦИВИЛ

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан