• четврток, 26 декември 2024

Прелева браната Глажња во Липковско, но состојбата е под контрола

Прелева браната Глажња во Липковско, но состојбата е под контрола
Куманово, 5 мај 2021 (МИА) - Почна да прелева браната Глажња во Липково, информираа денеска надлежните од АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“. Оттаму смируваат дека состојбата е под контрола. - Поплави нема да се случат, сепак ова е мала количина на вода која прелева, речните корита од браната Глажња сè до „Митев мост“ во Куманово, целосно се расчистени, проширени, нема да има никакви проблеми, изјави директорот на подружницата, Оливер Илиевски. Капацитетот на браната Глажња е 24 милиони, а капацитетот на браната Липково е 1,5 милиони метри кубни вода - Кумановци ќе имаат доволно вода за пиење, а земјоделците за наводнување, изјави Илиевски. Тој додаде дека и за време на зимскиот период била доставена потребната количина на вода која ја барало ЈП „Водовод“ Куманово и најави дека ќе продолжи со истиот принцип на работа и во наредниот период. „Кумановско-липковско поле“, според него, е подготвено да испорача 250 литри вода во секунда во секој момент, така што проблеми со водоснабдување градот нема да има. Лани, според податоците на претпријатието, браната беше полна само 60 проценти или околу 18 милиони, а годината завршила со 12 милиони метри кубни вода. Илиевски појаснува дека е направен систем на наизменично вклучување и исклучување на вода за наводнување по села. - За три и пол години направивме околу 400 интервенции на системот за наводнување и сега немаме непотребни загуби на вода. Ја сменивме целокупната инсталација на браната Липково, во тек сме да ја смениме електричната инсталација на браната Глажња. Очекуваме за некој ден да се подготви тендерската документација за проектза санација на главниот затворач на браната Глажња кој не е саниран веќе 30 години. Очекуваме и ова да го завршиме во тековната година, изјави Илиевски. Тој информираше дека завршена е тендерската постапка преку АД Водостопанство Скопје, преку МЗШВ за набавка на резервни делови. - Ние се соочуваме со проблем од 2001 година имаме недостаток на резервни делови т.н шибери на секоја шахта, сега ќе се набави поголема количина, така што и на самите вработени и на земјоделците ќе им се олесни дотурот на вода, изјави Илиевски. Браната беше преполна и последен пат прелеваше во 2018-та година. ам/цр

Остани поврзан