• среда, 25 декември 2024

Преку нови вработувања ќе се јакне капацитетот за искористување на ИПА фондовите

Преку нови вработувања ќе се јакне капацитетот за искористување на ИПА фондовите

Скопје, 30 јули 2024 (МИА) – Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска на седница на Влада ќе го презентира извештајот за искористувањето на средствата од Европската Унија преку ИПА фондовите и ќе побара од Владата нови вработувања за јакнење на ИПА капацитетот.

На прес-конференција пред почетокот на седницата, тој рече дека „ургентна“ е потребата од комплетирање на ИПА структурата, бидејќи, како што рече, постои значителен недостаток на доволен број, но и квалификуван персонал во националната ИПА структура, поради „високата флуктуација на обучени ИПА професионалци кои често се привлечени од приватниот сектор“.

– Ќе и предложам на Владата да се разгледаат плановите за вработувања во ИПА структурата, која оваа структура ги изработува согласно европските правила и добри практики и ќе предложам приоретизација на вработувањата на линиските министерства, како што се Финансии, Транспорт, Животна средина и просто планирање, Економија и труд, Министерството за социјална политика, демографија и млади, но и јавните претпријатија кои ќе спроведуваат инфраструктурни проекти, рече Муртезани. 

Посочи дека земјава се соочува со неискористени ИПА средства на кои им истекува рокот за користење и истите се враќаат во Буџетот на Европската Унија, и затоа, вели, за справување со овој предизвик земјава ќе побара компаративни искуства од земји членки на Унијата, но и земји кандидати од регионот.

– Дополнително ќе побараме компаративни искуства од одредени земји членки на ЕУ и земји кандидати од регионот, за да научиме од нивниот успех во управувањето и имплементирањето на средствата од Европската Унија, односно да ги имплементираме најдобрите практики при овој сложен процес. Како заклучок, финансиската анализа за искористеноста на ИПА фондовите по години е крајно поразителна. Додека користиме средства од заеми, ни стојат неискористени десетици милиони евра за капитални инвестиции од еврофондовите, рече Муртезани.

Во изминатите две години, додаде, во буџетот на ЕУ биле вратени вкупно 79 милиони евра неискористени средства, а до крајот на оваа година, вели, постои опасност од губење на дополнителни 43 милиони евра.

– Во изминатите две години, покрај бавното спроведување, Северна Македонија се соочи неискористени ИПА средства, на кои им истече рокот за користење и истите се вратени во буџетот на Европската унија. Така, на крајот од 2022 година и 2023 година, беа изгубени 24 милиони евра, односно 55 милиони евра, соответно во двете години, односно вкупно 79 милиони евра. Се проценува дека до крајот на 2024 постои опасност од губење на дополнителни 43 милиони евра од ИПА-2, рече Муртезани.

Прашан зошто Министерството се одлучува на ваков чекор, знаејќи дека Европската комисија во неколку наврати негативно ја нотира превработеноста во јавната администрација, Муртезани вели доколку не се зајакне инфраструктурата со професионални кадри, земјава само ќе има пристап до европските средства, но нема да може да ги апсорбира.

– Мислам дека недостигот на доволни професионални кадри во целата ИПА структура и во структурата на евроинтеграции е неколку пати негативно нотирана токму од Европската комисија. Тука не станува збор за дополнително преоптоварување на јавната администрација со старата пракса на политички кадри, меѓутоа професионални кадри коишто ќе овозможат искористување на европските фондови. Зошто? Бидејќи, како што јавноста е запознаена, ние сме во последна фаза на усвојување на реформската агенда со која што ќе добиеме дополнителен пристап до 750 милиони евра финансиски средства. Мојата досегашна перцепција од институцијата и целата структура е ако ние не ја појачаме инфраструктурата со професионални кадри само ќе добиеме пристап до тие финансиски средства, меѓутоа нема да можеме да ги апсорбираме сите, рече Муртезани.

Не сакаше да прецизира во кои структури на ИПА ќе бидат новите вработувања, ниту за колкав број станува збор. Вели ќе треба да се зајакне целата ИПА структура во сите министерства, како и во општините.

– Ќе треба да се појача целата ИПА структура во сите министерства, не само министерствата туку и во општините, бидејќи тоа што јас досега го имам како увид една од главните пречки е токму недостигот на професионален кадар којшто ќе ги спрема тендерите, ќе ги евалуира и ќе ги имплементира. Затоа сметам дека е неопходно да се појача целата инфраструктура за да може да се искористат целите фондови коишто ќе бидат на располагање, рече Муртезани. ра/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан