• сабота, 23 ноември 2024

Преку донации обезбеден комплетно нов инвентар за реновираниот дел во болницата во Отешево

Преку донации обезбеден комплетно нов инвентар за реновираниот дел во болницата во Отешево

Ресен, 4 јули 2024 (МИА) - Комплетен болнички инвентар, мебел, медицинска опрема и лекови се само дел од донациите на хуманитарната организација  LetzCare a.s.b.l. од Луксембург и фондацијата „Воздух за Преспа" од Холандија за Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација - Отешево.

Директорката на установата Билјана Гошаревска за МИА информира дека преку донациите обезбеден е комплетно нов инвентар за реновираниот болнички објект.

- После 42 години од основањето, Болницата е реновирана прв пат и доби нов, современ лик и пристојни услови за лекување на пациентите. Благодарение на наште долгогодишни пријатели од Луксембург и Холандија преку донации целосно ја опремивме со нови кревети, плакари, шкафчиња и апарати за потребите во работењето, изјави Гошаревска.

Покрај донацијата од хуманитарната организација  LetzCare a.s.b.l., Болницата примила и дел од 33-тата донација од лекови и медицинска опрема од фондацијата „Воздух за Преспа“ од Холандија.

- Стигна и првиот дел од 33-тата донација од нашите верни пријатели Јохана и Кеес Барс од Холандија, кои повеќе од 30 години донираат лекови и медицински апарати за потребите на Болницата. Последната донација покрај лекови, содржи и медицински апарати, дигитална центрифуга за потребите на биохемиската лабораторија и спирометар, појасни Гошаревска.

Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација - Отешево, е единствена од ваков вид во државата, а здравствените услуги ги користат пациентите од регионот и пошироко. По повеќе од четири децении беше целосно реновиран еден болнички објект преку проект на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, финансиран од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој. сс/цр

Фото: МИА

Остани поврзан