• среда, 25 декември 2024

Преку апликација на мобилните телефони Кипраните ќе пријавуваат штети на патната инфраструктура

Преку апликација на мобилните телефони Кипраните ќе пријавуваат штети на патната инфраструктура
Никозија, 28 септември 2022 (МИА) – Под мотото „За безбедно утре, поправете го денес!“ и со цел да се подобри патната инфраструктура и да се зајакне безбедноста на патиштата, Кипар лансираше апликација за мобилните телефони преку која граѓаните ќе може да пријавуваат дефекти, штети, проблеми и слично на патната мрежа, придружени со фотографија, локација и коментар, јави дописничката на МИА од Атина. Платформата и апликацијата „ FixCyprus“ е изработена во рамките на соработката на Министерството за транспорт и врски на Кипар и Центарот за иновации „Киос“ од Универзитетот на Кипар, а на граѓаните им овозможува да пријават проблеми што ги откриваат на патната мрежа, како и други опасности поврзани со семафори, тротоари, знаци итн што влијаат на квалитетот, но и безбедноста на инфраструктурата. Пријавите од граѓаните може да бидат придружени со фотографии и прецизни информации за локацијата на дефектот или проблемот, како и со соодветни коментари. Секоја пријава автоматски се доставува до регионалната канцеларија на Одделот за јавни работи, која пак, преку платформата за управување со „FixCyprus“, ќе ја процени и ќе преземе соодветни активности за поправка или за доделување на пријавата на други надлежни служби. Мобилната апликација, исто така, им овозможува на граѓаните да го следат напредокот на секоја поднесена пријава. Министерот за транспорт и врски на Кипар Јанис Карусос, за време на презентацијата на апликацијата ги повика граѓаните да ја користат „FixCyprus“ и на овој начин да помогнат во надградбата на квалитетот на инфраструктурата и зајакнувањето на безбедноста на патиштата.ср/јт/

Остани поврзан