• вторник, 26 ноември 2024

Прекршување на протоколот: Меланија Трамп наводно ја одбила понудата да се сретне со Џил Бајден

Прекршување на протоколот: Меланија Трамп наводно ја одбила понудата да се сретне со Џил Бајден

Вашингтон, 12 ноември 2024 (МИА) - Актуелниот претседател на САД, Џо Бајден и новоизбраниот Доналд Трамп утре треба да одржат протоколарна средба во Белата куќа. Според информациите до кои дојде „Њујорк пост“, весник близок до Доналд Трамп, Меланија Трамп наводно ја одбила понудата да се сретне со сопругата Џил на традиционалниот чај што се организира по повод ваквите разговори, додека Бајден разговара со Трамп.

Како што се наведува, Меланија се одлучила на овој потег бидејќи администрацијата на Бајден во рамките на истрагите за Трамп наредила и претрес на нејзините работи во резиденцијата во Мар-а-Лаго.

-Таа не оди. Сопругот на Џил Бајден го овластил ФБИ да ја кодоши нејзината фиока за долна облека. Бајдените се одвратни. Џил не е некој што Меланија треба да го запознае, изјавил извор за „Њујорк Пост“.

Во првиот мандат на Трамп, Меланија присуствуваше на традиционалниот прием во Белата куќа организиран од тогашниот претседател Барак Обама. Тогаш сопругата на Трамп се сретна со Мишел Обама.

Инаку, Меланија претходно ја коментираше рацијата што ја спроведе ФБИ во нивната вила на Флорида и рече дека тоа и пречело.

-Да, тоа ме налути. Тоа е нарушување на приватноста. Кога се вративме, видов непријатни работи кои никој не сака да ги види. Човек во тој момент се лути затоа што никој не треба да трпи такво однесување, изјави Меланија во интервју за Фокс во септември. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан