• среда, 18 декември 2024

Прекината собраниската седница за продолжување на работниот ангажман на судии и обвинители

Прекината собраниската седница за продолжување на работниот ангажман на судии и обвинители
Скопје, 29 јуни 2022 (МИА) - По доцнење од околу половина час, вечерва во Собранието продолжи 75. седница со две точки на дневниот ред Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година и Предлог на закон за дополнување на Законот за работните односи, двата по скратена постапка. Претседателот на Собранието Талат Џафери информира дека нема услови за разгледување на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година зошто се уште не е поминат на соодветната комисија. Предлог-законот за дополнување на Законот за работните односи се однесува во делот на престанок на договорот за вработување, со предвидување на исклучок за судиите и јавните обвинители и предвидување одредби за продолжување на нивниот мандат. Временската важност на овие одредби, се предлага да трае најмногу до три години се со цел да се постигне пополнетост на местата во судовите и јавните обвинителства. Пратеникот Димитар Апасиев рече дека Левица ќе гласа против овој закон. Според него, се работи за контроверзен закон кој се обидува да се донесе, како што рече, на шверцерски и на силеџиски начин. Посочи дека за тоа предупредил пред неколку дена и потоа следеле немилите сцени. Апасиев рече дека е фалсификувана коресподентната табела која им е приложена на пратениците и најави дека за тоа ќе поднесат кривична пријава. Тој соопшти дека се оди кон тоа да се избегне двотретинското мнозинство и да се прошверцува овој закон, а фалсификувани се и извештаите потпишани од Комисијата за европски прашања, каде, како што рече, настанаа тепачките. -Судиите со нивниот траен мандат се покажаа како рак рана на ова општество и ни треба драстичен ресет на судството по југословенски критериум, а тоа значи дека судиите не треба да имаат траен мандат и затоа треба да се смени Уставот за тоа да го смениме, образложи Апасиев. Додаде дека откако ќе се изгласа овој закон дека ќе може да го оспорат на Уставен суд. Сите овие преседани, како што рече, еден ден ќе ви се удрат од глава. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во процедурална забелешка обвини, за како што рече, нов преседан и скандал на власта бидејќи првпат во историјата на Парламентот се закажува седница веднаш по завршувањето на седницата за пратенички прашања. Тој укажа дека седницата доцнела повеќе од 30-тина минути. Според него, власта и претседателот на Собранието Џафери прават ново насилие во Собранието, праша зошто им се брза со законот и укажа дека ова законско решение се носи да се продолжи мандатот на петнаесетина судии и десетина обвинители. Претседателот на Собранието Талат Џафери се повика на Деловникот на Собранието и на почитување на законите. Ја прекина оваа седница и рече дека за нејзиното продолжување пратениците ќе бидат дополнително информирани. мд/са/

Остани поврзан