• среда, 25 декември 2024

Прекината комисиската расправа за кандидатите за уставни судии

Прекината комисиската расправа за кандидатите за уставни судии
Скопје, 14 септември 2022 (МИА) - Собраниската Комисија за прашања на избори и именувања денеска ја прекина седницата, на која треба да продолжи расправата за кандидатурата за уставен судија на Љубомир Јовески, актуелниот републички јавен обвинител. Седницата беше прекината по барање на заменик координаторката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, која треба да оди на координација. На почетокот на денешната седница, пратениците од опозицијата упатија критика до претседателката на Комисијата Марија Георгиевска, поради тоа што по најавената пауза од 15 минути, вчерашната седница воопшто не продолжи со работата. -Имаше неколку сесии 15-то продолжение на оваа седница во текот на вчерашниот ден. После 17 часот, кога колешката Благица Ласоска заврши процедурално, нашата престедателка не извести дека ќе направиме кратка пауза од 15 минути. Во 17.54 часот, од службите на оваа Комисија добивме порака дека ќе продолжиме со работа во 20 часот. Во 19:40 часот добивме нова порака во која сме известени дека ќе продолжиме со работа во 21:30 часот, за да во 20:49 часот ја добиеме последната порака од собраниските служби дека Комисијата денеска ќе продолжи со работа. Се поставува прашање кој ја кочи работата на оваа собраниска Комисија, рече денеска вопроцедурално обраќање пратеничката Дафина Стојановска. Според пратеничката Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ, ситуацијата од вчера покажува оти е погазен Деловникот, Уставот и Етичкиот кодекс. Претседателката на Комисијата, Марија Георгиевска на ова одговори дека не го прекршила Деловникот и оти навремено известила за продолжението на седницата. -Наремено ве известив дека ќе има продолжение на седницата, со цел и со намера да имаат време повеќе колеги да зборуваат, но заради одредени состојби, добивте порака дека седницата продолжува денеска во 9.30. Не сум дозволила на никого од колегите да му биде скратена можноста за реплика или за збор. Досега сум покажала дека соодветно си ја извршувам својата работа, рече Георгиевска. За следното продолжение на седницата, дополнително ќе информираат од матичната Комисија. Инаку, Љубомир Јовески е последниот кандидат за кој треба да расправа Комисијата. Изминативе денови членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер, и двајцата предложени од СДСМ. Од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка. Партијата ги предложи Саво Климовски, универзитетски професор, Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорка Родна Живковска. Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.бт/лв/

Остани поврзан