• недела, 17 ноември 2024

Прекината комисиската расправа за избор на Љубомир Јовески за уставен судија

Прекината комисиската расправа за избор на Љубомир Јовески за уставен судија

Скопје, 1 февруари 2023 (МИА) - Претседателката на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, Марија Георгиевска попладнево ја прекина седницата на која се расправа за предлогот државниот обвинител Љубомир Јовески да стане уставен судија, а за продолжението на оваа седница, како што рече, пратениците ќе бидат известени од собраниските служби.

Во попладневниот дел од седницата имаше процедурални забелешки од пратениците на ВМРО - ДПМНЕ. Тие побараа да се прекине седницата и да ги добијат стенограмските забелешки од изјавата на претседателката на Комисијата Марија Георгиевска дадена во однос на интерпелацијата поднесена против неа, а се однесува на нејзиниот Извештај до претседателот на Собранието со кој побара кандидатите Татјана Васиќ Бојаџиев и Фатмир Скендер да бидат издвоени и Собранието да гласа за нив, по што тие беа избрани за уставни судии.

Во процедурално обраќање, пратеникот на ВМРО - ДПМНЕ, Драган Ковачки истакна дека е беспредметно продолжувањето на оваа Комисија, посебно за оваа точка. Побара да се прекине седницата се до момент на завршување на постапката во Пленумот.

-Оваа точка треба да биде прекината. Оваа седница треба да биде прекината. Да ги ислушате аргументите што ги кажуваме. Да видите и да се уверите дека процедурата е прекршена. Да дозволите Пленумот да утврди дали процедурата е прекршена, па после ако Пленумот утврди дека не е прекршена процедурата, вие можете да продолжите. Меѓутоа, тука имате можеби и злоупотреба на службената должност. Можеби ќе треба да се процесира и понатаму. Јас тоа не го знам. Не сум истражен орган. Можеби ќе се доведеме во таква ситуација. И пак ќе го повторуваме истото дело од почеток. Тоа е дополнителна одговорност.  Тука се кршат најмногу во оваа Собрание. Во моментов, мислам дека треба да ја прекинете седницата се до момент на завршување на постапката во Пленумот, затоа што сте направиле прекршок, според мене, сме поднеле интерпелација и таа треба да се заврши, па дури тогаш може да се размислува за тоа дали ќе одиме понатаму или не со изборот на овој катастрофален предлог од еден од колегите од владејачкото мнозинство, рече Ковачки.

Претседателката на Комисијата, Марија Георгиевска одговарајќи му на Ковачки рече дека треба да продолжат со работата по оваа седница.

-Придадовте звук на вашето говорење дека овде како да водиме судска постапка. Јас мислам дека сме колеги - пратеници и колегите - пратеници пристапуваат согласно своите убедувања за прекршување или непрекршување или било какво нарушување на правилата, односно на Деловникот на оваа Собрание. Вие ова неможете да го третирате како предмет и демек вие сега овде ќе не третирате како осуденик.  Призвукот на вашиот говор беше таков. Не смееме да си дозволиме да даваме призвук дека заради одредена сугестија, односно барање на пратеничка група дека се нарушил Деловникот, дека треба да се става сомнеж на било кој пратеник, дека не може да продолжи со работа. Треба да продолжиме со работа по седницата, рече таа.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во процедурална забелешка упати барање до пратеникот Велковски, доколку може по Деловникот да го повлече предлогот за Љубомир Јовески или тој самиот со писмено известување до Собранието да се повлече од изборот за нов уставен судија. 

Тој смета дека тоа што се случува во Комисијата не е само кршење на Деловникот, туку е еклатантен пример дека само за одредени избран претседатели на одредени собраниски комисии, Деловникот може да важи или да не важи по потреба како што се толкува од личноста која што ја води Комисијата и тоа за мене е апсолутно недозволиво.

-Тоа доведува до недоверба во целата постапка за избор на уставни судии. Нашите кандидати кои не добија поддршка се професори кои ги напишале сите учебници по уставно право во Република Македонија. И сега, не се квалитетни професорите кои што ги пишувале учебниците од кои што самите овие што вие ги изгласавте за уставни судии учеле, туку се квалитетни овие кои што сега ние ќе треба да ги бираме и за овој господин за кој што десет часа во оваа Комисија се читаа скандали во неговото работење. Сега треба да му се возврати за неговиот ангажман и вие ќе треба да пишувате извештаи за кои што нема да бидат напишани во формата во која што се напишани, истакна Стојановски.

Претседателката на Комисијата, Георгиевска рече дека мора да го исправи Стојаноски, бидејќи она што е доставено до Пленумот не се работи за извештај, туку за известување за состојбата по однос на она што се случува по изборот за уставни судии во оваа Комисија и тоа се предлог-одлуки за име и презиме каде што мнозинството членови или заменици во Комисијата се изјасниле „за“ или „против“.

-Не се работи за извештај, туку предлог-одлуки со констатирано како е завршена расправата, кога е гласано, што е гласано, за кого се продолжува расправата итн. Тоа не е извештај, туку известување до Пленумот, рече Георгиевска, по што ја прекина работата по денешната седница. фф/дма/

Остани поврзан