• среда, 25 декември 2024

Презентиран нов модел за субвенции во земјоделството и руралниот развој

Презентиран нов модел за субвенции во земјоделството и руралниот развој
Скопје, 12 септември 2022 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на денеска на брифинг со новинари презентираше нов модел за субвенционирање преку програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Моделот треба да биде комплетиран до крајот на годинава, а ќе почне со примена од 1 јануари следната година. Со новиот предлог модел, како што рече Николовски, не се кратат финансиските средства за поддршка, ниту се оштетуваат земјоделците, туку средствата се прераспределени во повеќе програми за поддршка. Првиот драфт предлог на овој нов модел содржи разграничување меѓу производно неврзаните и производно врзаните директни плаќања. Тоа значи, наведе Николовски, кај растително производство за сите земјоделци без разлика која култура ја произедуават да им се исплатат основните директни плаќања за површината што ја обработуваат, без разлика на приозведената количина.  Тоа е еден дел од субвенцијата која ќе ја добиваат сите,  потенцираше министерот. Дополнителните плаќања, според предлогот, ќе се исплаќаат само на одреден број култури, кои како стратешки ќе се определат заедно со земјоделците преку потсекторските групи, и за тие култури при исплатата ќе биде зголемен и обемот на контрола од страна на Платежната агенција. Министерот додаде дека новиот модел за субвенционирање дава приоритет на стратешки важни култури и производи за државата, процесот на добивање на финансиска поддршка се забрзува и се става крај на злоупотребите на финансиската поддршка. -Денес најпрво предлог концептот го презентираме пред агро советот како највисоко тело за креирање на мерки во земјоделството. Понатаму, детално овој предлог ќе биде презентиран и отворен за предлози и забелешки за секоја подсекторска група во Министерството. Широкиот процес на консултации ги опфаќа сите земјоделци, земјоделски здруженија производители и стручната јавност, секој искрен предлог е добредојден, рече денеска Николовски. Како што посочи, целта  што сакаат ја го постигнат преку овој концепт е директните плаќања да бидат насочени кон долготрајна одржливост на активните земјоделци чија главна дејност е земјоделството, одржување на обработливите земјоделски површини и зголемување на производството на храна. Министерот додаде дека постојните субвенции за земјоделците нема да се скратат, односно би биле распределени во повеќе програми за поддршка. бт/лв/      

Остани поврзан