• среда, 25 декември 2024

Презентиран новиот Концепт за образование во основни училишта во Велес и Велешко

Презентиран новиот Концепт за образование во основни училишта во Велес и Велешко
Велес, 28 мај 2021 (МИА) - Новиот Концепт за образование на Министерството за образование и наука, вчера  беше презентиран пред родителитe и наставниците на општинските основни училишта „Блаже Конески“, „Св. Кирил и Методиј“ во Велес и во „Стојан Бурчевски Буридан“ во Иванковци. На трибината учествуваа градоначалникот, Аце Коцевски, пратеникот во Собранието на РСМ, Ненад Коциќ и претставници на општинската администрација, информираат денеска од Општина Велес. Директорите на основните училишта објасниле пред присутните родители и наставници, дека ова е темелна реформа која се прави за подобро, поквалитетно образование на нашите деца.  Додаваат дека  при тоа се користени  меѓународни искуства кои не преставуваат копија на ниту едно решение. 
Од следната учебна година, по нови наставни програми ќе учат учениците од прво до четврто одделение.
- Македонскиот модел ќе биде комбиниран, односно, од прво до трето одделение за учениците ќе се обезбедат хартиени учебници, додека, за учениците од четврто и етапно погорните одделенија, се обезбедени дигитални учебници. Доколку има потреба од печатен учебник, училиштето каде што учениците посетува настава ќе ги обезбеди истите. Интеракцијата помеѓу наставникот и ученикот ќе се зголеми, а работењето на родителите со децата ќе се намали, појаснуваат од службата за информирање на Општина Велес. Во дебата се вклучиле и родителите кои се интересирале за начинот на реализација на предметите. - Новиот образовен модел со дигитализација ќе овозможи полесно и поефикасно совладување на материјата. Нема дополнително да го оптовари домашниот буџет затоа што учебниците и дигиталните уреди, неопходни за одвивање на наставата, ќе бидат на товар на општината, информираат од Општина Велес. ад/ар/

Остани поврзан