• четврток, 26 декември 2024

Презентиран концептот за даночни реформи пред бизнис-заедницата

Презентиран концептот за даночни реформи пред бизнис-заедницата
Скопје, 4 август 2022 (МИА) - Во Министерството за финансии денеска започна јавната дебата за Предлог-концептот на даночни реформи. Пред бизнис-заедницата, Предлог-концептот го презентирал министерот за финансии Фатмир Бесими заедно со директорките на Управата за јавни приходи и на Царинската управа, Сања Лукаревска и Славица Кутиров. Концептот, како што посочуваат од Министерството за финансии, треба обезбеди праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем што ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во одданочувањето, а ќе биде во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. - Денеска почнуваме со јавна дебата за концептот на даночни реформи, кои заедно со реформата во јавните финансии, ќе придонесат за поефективно и поефикасно прибирање на приходите во буџетот, а потоа тие приходи, кои се пари на граѓаните, на најефикасен и транспарентен начин да се искористат за обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните, истакнал министерот Бесими. Во своето излагање, Бесими посочил дека Северна Македонија има едно од најниските нивоа на учество на приходите од даноци и придонеси во БДП. - Во периодот од 2008 до 2020 година присутен е значителен јаз помеѓу учеството на приходите од даноци и придонеси во БДП во ЕУ-27 и кај нас. Имено, во 2008 година, вкупните даночни приходи и социјални придонеси учествуваат со 38,4 проценти во БДП на ЕУ-27, што е за 10,7 процентни поени над оствареното во Северна Македонија со 27,7 проценти. Овој јаз со текот на годините и се продлабочува, со што во 2020 година изнесува 13,8 проценти, истакнуваат од Министерството за финансии. Бесими на состанокот посочил дека концептот на реформи на даночната политика во областа на данокот на добивка и данокот на личен доход опфаќа предлог законски решенија со кои се ревидираат преференцијалните даночни третмани што ја нарушуваат неутралноста на даночниот систем. - Тие се и во насока на зголемување на даночните приходи преку проширување на даночна основа и креирање фискален простор за спроведување активна даночна политика за стимулирање инвестиции на приватниот и на јавниот сектор во технологии кои поддржуваат зелена транзиција и дигитална трансформација. Исто така, се поедноставуваат и осовременуваат законските текстови, се јакне транспарентноста и ефикасноста во спроведување на прописите од даночните обврзници и администрација, истакнал Бесими. Концептот, што ја утврдува динамиката на конципирање и имплементација на реформата, се темели на петте приоритети дефинирани во Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025). Даночната реформа ги опфаќа данокот на добивка, данокот на личен доход, данокот на додадена вредност, акцизите и еколошката даночна политика, а предвидените законски измени во најголем дел се планира да се применат од 1 јануари 2023 година. - Предвидени се решенија кои ќе придонесат за проширување на даночната база преку таргетирање на повластените даночни третмани т.е. даночните ослободувања и олеснувања во постојниот систем на данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност. Се предвидува ревидирање на даночните стимулации при што ќе се креира фискален простор за спроведување активна даночна политика за стимулирање на инвестиции на приватниот и на јавниот сектор во технологии кои поддржуваат зелена транзиција и дигитална трансформација. Во делот на ДДВ промените се однесуваат на понатамошно зајакнување на основните принципи на системот на ДДВ, како и допрецизирање на правата и обврските на даночните обврзници. Во дебатата ќе биде опфатено и прашањето на Данокот на личен доход во контекст на прогресивното оданочување и рамниот данок, појаснуваат од Министерството за финансии. Реформата, велат од Министерството за финансии, ќе има позитивно влијание на намалувањето на неформалната економија. бак/са/

Остани поврзан