• четврток, 26 декември 2024

Презентиран Годишниот извештај за работата на Народниот правобранител

Презентиран Годишниот извештај за работата на Народниот правобранител

Скопје, 30 март 2023 (МИА) - Детските права, правосудството, граѓанските состојби, потрошувачките права... се дел од областите во кои има констатирано најмногу повреди во 2022 година, кои се посочени во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права. Извештајот денеска пред медиумите го презентираше народниот правобранител Насер Зибери и соглaсно законските одредби го достави до Собранието на Република Северна Македонија.

Властите во наредниот период, како што истакна Зибери, треба сериозно да се ангажираат за да се донесат законски измени, некои да се допрецизират, или да се изнајдат системски решенија, се со цел на граѓаните да не им се прекршуваат нивните права.

Статистиката покажува дека во Канцеларијата на Народниот правобранител во 2022 година биле примени/заведени 3.209 претставки, а 273 предмети беа пренесени од претходната година. Бројката на примени претставки, како што рече Зибери, претставува зголемување за околу 20 отсто во однос на минатата година, што е очекувано со оглед на фактот што состојбата со пандемијата се стабилизира и сите инситуции се вратија на начинот на работа пред пандемијата.

-Постапка беше покрената по 2.173 претставки, додека за 737 поради ненадлежност истата не беше покрената, рече Зибери.

Тој посочи дека како и минатите години, така и во 2022 продолжи трендот на прво место според бројот на поднесени преставки да биде областа правосудство - 534 или 16,64 отсто од вкупниот број, потоа потрошувачките права права 337 или 10,50 отсто, работните односи -288 или 8,97 отсто, детските права 252 или 7,85 отсто, имотно-правните ондоси - 208 или 6,48 отсто. 

-Најмногу повреди констатиравме кај правата на детето, податок кој не загрижува бидејќи станува збор за лица кои согласно Конвенцијата за правата на детето уживаат посебна заштита. Во овој сегмент и преку предметното работење, но и од спроведеното истражување, утврдивме најтежок облик на дискриминација - сегрегација во две училишта, едното во Битола, другото во Штип. За овој случај и Европскиот суд за човекови права донесе пресуда во која исто така констатираше појава на сегрегација, нешто што беше карактеристично за 19 век, рече Зибери.

Тој појасни дека станува збор за ООУ „Ѓорѓи Сугаре„-Битола и ООУ „Гоце Делчев„ во Штип каде констатирале дека има паралелки кои претежно се составени од ромски деца. - Оттука апелирам во овие две општини веднаш да престанат со праксата на лесно издавање на исписници од училиштата и да ја почитуваат реонизацијата затоа што процесот на инклузивност е еден од најзначајните процеси за елиминирање на дискриминацијата, рече омбудсманот.

Зборувајќи за детските права, Зибери го споменам проблемот со (не)обезедување на образовни асистенти за ученците со попреченост во средните училишта што е дел од она што се нарекува инклузивно образование.  - Иако се најавуваше, новиот Закон за средно образование до крајот на извештајната година, не е донесен, па образовните асистенти во општинските средни училишта се обезбедуваа проектно, со вклучување на општините во програмата за Општинско-корисна работа, а со поддршка на УНДП, но за која не се заинтересирани голем број општини, додаде тој.

Врз основа на предметното постапување и следење на состојбата, општа констатација на Народниот правобранител е дека во постапките за присилна наплата на неплатен даночен долг, радиодифузна такса, други јавни приходи и парични казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, кривичните и управните постапки во корист на Република Северна Македонија, Управата за јавни приходи, Градот Скопје и општините, не ги почитуваат уставно прокламираните начела за заштита на основните слободи и права на граѓаните.

-Имено, од овие субјекти, на одредени граѓани со години им се загрозува како личната, така и егзистенцијата на нивните семејства бидејќи присилна наплата исклучиво ја спроведуваат преку блокада на нивните трансакциски сметки во банки со одземање на целиот износ од плата, пензија, надоместоци од социјална заштита, невработеност и слично, кој тие го примаат. Следствено на тоа, тие подолг временски период, остануваат без основни средства за егзистенција, а дополнително се принудени да им плаќаат финансиски средства на банките за деблокирање на трансакциските сметки, рече Зибери.

Согласно горе кажаното, а со цел во постапките за присилна наплата Управата за јавни приходи, Градот Скопје и општините, на граѓаните без каков било исклучок да не им го одземаат целиот износ од плата, пензија, надоместоци од социјална заштита, невработеност и слично, како и за системско надминување на таквата состојба, Народниот правобранител бара веднаш да се донесат соодветни измени и дополнување на одредбите од Законот за даночна постапка и Законот за даноците на имот во насока на лимитирање на делот кој им се запира на граѓаните на име на долг.

Како проблем на денешната прес - конференција Народниот правобранител го посочи и тројно зголемениот данок на имот за 2022 година, од страна на Општина Охрид.  Апсурдот да биде поголем сите вакви решенија, како што истакна тој, се донесени во текот на месец март 2022 година, односно по само два месеци од денот на започнувањето на применета на Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот, па аналогно на тоа, единствено се засноваат на претпоставката на Општина Охрид дека нема да ги користат или нема да ги издаваат под закуп предметните недвижности, подолго од шест месеци во текот на една година.

-Укажувањето на Народниот правобранител да ги преиспита донесените решенија за утврдување данок на имот за 2022 година, а во контекст на што со сигурност ќе биде утврдена и околноста дали тие ги користат или ги издаваат под закуп своите недвижности, подолго од шест месеци во текот на една година, од Општина Охрид не е прифатено со формален изговор дека нејзините решенија, единствено може да ги поништи Управниот суд,рече Зибери и додаде дека бара Општината Охрид веднаш да ја преиспита оваа постапка и да постапи по укажувањето на Народниот правобранител.

На темата финансии, Зибери посочи уште една појава која се однесува на работата на финансиските друштва, за што иако немаат директна надлежост граѓаните доставиле претставки.

Тој притоа посочи пример за земен брз кредит од 9.000 денари, граѓанин, кој поднел претставка кај Народниот правобранител, бил принуден да плати сума за осум пати поголема од главниот долг.

-За да има јавноста јасна престава за што зборувам ќе илустритам со еден пример. Земен кредит од 9.000 денари, за доцнење со негова исплата навистина како во рекламите, не се наплатува камата, меѓутоа се наплатуваат други огромни трошоци. Така за конкретниот пример на име достасан надоместок наплатени се 2.026 денари, за надоместок за доцнење дури 58.846, денари, па кога на ова ќе се додаде износот за пратената опомената 5.900, денари долгот ја достигнува сумата од 75.772 денари, што е сума за осум пати поголема од главнит долг, рече Зибери.

Бидејќи со сегашната законска регулатива граѓаните корисници на овие брзи кредити се ставаат во огромни долгови, Народниот правобранител бара веднаш да се пристапи кон нејзина измена со цел граѓаните при враќањето на кредитите да не бидат повеќекратно оштетени.

Зибери истакна дека минатата година утврдиле повреда на правата на наставниците во постапка за трансформација на работниот однос од страна на локалните власти и државниот просветен инспекторат.

-Остварувањето на правото на трансформација на работниот однос од определено на неопределено работно време на наставниците во основните и средни училишта е попречувано од скоро сите локални власти во државата. Градоначалниците ја одложуваа постапката и не носеа Решенија за формирање на нови Комисии за трансформација на работниот однос во образованието, рече Зибери и додаде дека со оглед на фактот што на овие лица им се прекршени правата бара локалните власти и инспекторатот веднаш да постапат по укажувањата на Народниот правобранител и да им го трансформираат работниот однос.

Народниот правобранител посочи дека за жал и минатата година граѓаните се соочуваа со одолговлекување на судските постапки, неефикасност на Управното судство, затворскиот систем и понатаму останува слаба алка во секој поглед - сместувачки капацитети, здравствена заштита, граѓаните пред Управата за водење на матична евиденција, со која имаме подобрена соработка, и натаму водат долгорајни постапки за осварување на своите права, а не се средени ни состојбите со лекарските комисии кои одлучуваа за правата на помош и нега од друго лице па граѓаните се приморани со месеци да чекаат на остварување на ова право.

Тој ја потенцираше добрата соработка која ја имале со Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги во делот на промена на регулативата во однос на временскиот период на читање на брилата за потрошена електрична енергија, која наместо еднаш горишно сега се врши квартално, со интенција тоа да премине во еднаш месечно.

Притоа тој искажа задоволство од донесената одлука на Уставниот суд за укинување на членот 44 став 2 од Законот за социјална заштита, за кој Народниот правобранител уште пред две години укажа дека е дискриминаторски.

Зибери истакна дека според нивни информации во тек е постапка на промена на законската регулатива која се однесува на сместувањето на малолетничките кои во иднина наместо во КПД/КПУ „Идризово„ ќе бидат сместувани во Воспитно поправниот дом Тетово-Волковија. - Со ова ќе се реши прблемот кој го имаа - лоши услови за престој, неможност за добивање на здравствена заштита,немање на образове процес, ресозцијализација, контакти со осуденички, односно нема да бидат дискриминирани во однос на малолетниците, рече Зибери.

На крајот народниот правобранител изрази надеж дека овој извештај нема да ја сподели судбината на претходниот за 2021 година, кој, како што рече, од страна на пратениците беше разгледан пред само неколку дена.

-Апсурдна постапка која на некој начин го девалвира законското решение, кое произлезе токму заради фактот што не се почитуваа општите препораки на Народниот правобранител, со кое по разгледувањето на извештајот Собранието утврдува мерки, кои се доставуваат до Владата, која, пак, има обврска да реферира два пати годишно колку од истите се имплементирани, односно по колку е постапено, со цел отстранување на констатираните повреди и подбрување на состојбата со почитувањето на човековите слободи и права, рече народниот правобранител Зибери. дма/аа/

Фото/видео: МИА

 

Остани поврзан